Колку граѓани ќе го загубат телевизискиот сигнал е прашање што заслужува внимание по најавата на операторите дека ќе прекинат со реемитување на програмата на сите канали, освен на МРТ, поради тоа што не се согласуваат со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Според податоците на Агенцијата за електронски комуникации, вкупниот број на претплатници на ТВ-услуги во второто тримесечје од 2019 година изнесувал 412.728, што во однос на истиот период претходната година е зголемување од 3,15 отсто.

Уделот на претплатниците на кабелска телевизија изнесува 51,29 отсто, претплатниците на IPTV (Ај-пи ТВ – телевизија преку Интернет протокол) имаат удел од 32,23 отсто додека уделот на претплатници на DVB-T (Диџитал видео бродкастинг) и сателитска телевизија изнесува 11,08 отсто, односно 5,40 отсто.
Од 55 нотифицирани субјекти во службената евиденција на АЕК за обезбедување на услуги поврзани со радиодифузија, како што се како што се: пренос и емитување на терестријални радио програмски сервиси, пренос и емитување на терестријални телевизиски програмски сервиси, реемитување на радио програмски сервиси, реемитување на телевизиски програмски сервиси 51 субјект биле активни во второто тримесечје од 2019 година.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.