Премиерот Зоран Заев очекува похрабри чекори од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во борбата против лажните вести и нивното пласирање во медиумите, бидејќи тие не само што шират омраза, уништуваат чест и достоинство на поединци, туку им штетат и на интересите на државата, уривајќи ги и попречувајќи ги нејзините стратегии.
„Од она што го добивам како анализи и од она што го следам и читам, гледам дека дефинитивно има многу злонамерни ширења лажни вести кои може да предизвикаат непоправливи последици. Се работи за медиуми без импресум кои и тоа како се присутни во етерот и кои, освен што уништуваат чест и достоинство на поединци, уништуваат и институции, уништуваат стратегии на државата, шират омраза која има рефлексија и пречки на нашите стратешки цели,“ рече Заев во одговор на новинарско прашање по отчетот за сработеното на Владата во првите 100 дена.
Тој побара помош и поддршка од медиумите и здруженијата на медиумите да работат на ова поле, да воспостават европски модели.
„Да го најдеме тоа што е најдобро во Европа, во демократскиот свет и да го имплементираме зашто е сериозна закана и за општеството и за слободата и за стратешките определби на државата, но е сериозна закана и за поединецот во нашето оштество,“ потенцираше Заев.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.