ЗНМ: Што поскоро да почне изработката на новиот предлог-Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета

Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) велат дека процесот на донесување на измени и дополнувања на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета треба да почне што поскоро, бидејќи нашата земја си зеде обврска да ги усвои уште во 2018 година.

Министерството за правда формално го контактирало ЗНМ на оваа тема во јуни 2019 година, при што на добиената покана за учество во работната група за измена и дополнување на Законот тие предложиле двајца члена. Сепак, од тогаш до денес тие не добиле никаква информација од Министерството за правда за функционирањето на оваа работна група.

– Мислам дека процесот треба да почне што поскоро, да биде транспарентен и инклузивен и во период од 2-3 месеци веќе преку работната група, Министерството да изработи нов предлог – вели извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски, кој е и еден од двајцата членови предложени од ЗНМ за учество во работната група.

Од ЗНМ истакнуваат дека досегашниот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета генерално ги исполнил нивните очекувања, бидејќи имало помал број на тужби против новинари и медиумски работници, а во случај на пресуда кон новинарот, паричните компензации биле помали во споредба со периодот кога овие дела во законот беа кривични.

И покрај ова, од ЗНМ посочуваат дека новиот предлог-закон може да се подобри, така што во него не би важеле исти начела за навредата како и за клеветата. Драган Секуловски од ЗНМ посочува дека постојат примери на земји во чии закони навредата е избришана како дело и таа воопшто не постои.

– Од друга страна, делот за медијација потребно е да биде облигаторен со цел да се исцрпат сите механизми пред да настане судска пресуда. Освен ова, често роковите од страна на судовите не се почитуваат а тенденцијата е тие да бидат кратки за да не мора тужените долго да бидат изложени на судски процес – вели Секуловски, посочувајќи дека досудените суми за нематеријална штета на новинарите се високи и кај нив треба да има корекции во новиот закон.

Од ЗНМ информираат дека веќе имаат изработено анализи од мониторинг на судски случаи за навреда и клевета во изминативе години, така што тие ги лоцирале слабите страни на имплементација на законот од страна на судовите.

Од Министерството за правда до крајот на мај годинава го очекуваат изготвувањето на анализата за примена на Законот, со посебен акцент на релевантните меѓународни документи и анализа на јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права. Покрај ваква анализа, експерт ангажиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) треба да изготви и соодветни препораки, по што би профункционирала работната група за измени и дополнувања на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.