ЗНМ: Слободата на изразување да биде загарантирана и во вонредна состојба

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) смета дека владините институции и здравствените центри мора да најдат начин за подобра комуникација и транспарентност во насока на гарантирање на слободата на изразување и правото на информирање во време на вонредна состојба.

„Укажуваме дека ние како организација, a и голем дел од нашите членови, сме незадоволни од недостигот на двонасочната комуникација за вклучување во живо преку видео алатките за време на прес-конференциите на министрите. Со моменталната пракса преку оваа комуникација, не се дава во целост простор на новинарот да има потпрашање ниту пак да има коментар на даден одговор, со што соговорникот не секогаш одговара на прашања“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Тие бараат од надлежните институции да им се остави простор на новинарите да постават потпрашања за да се обезбеди целосна информација од соговорникот. Како втора опција, од ЗНМ сметаат дека може да се направат прес-конференции на отворено со присуство на новинари, но со доволна физичка дистанца меѓу новинарите и соговорниците. Од ЗНМ потсетуваат дека ова е препорака и на Европската Федерација на новинари, при што оваа опција не треба да ја исклучи првата опција за поставување потпрашања и преку видеоконференциска врска.

Од ова здружение упатуваат критика до кумановскиот градоначалник за организираната прес-конференција пред неговото дијагностицирање дека е позитивен на корона вирусот, но и на скратувањето на правото од Владата за поставување на прашања и учество на прес-конференциите на онлајн медиумите кои не се дел од Регистарот на професионални онлајн медиуми.

Од ЗНМ потсетуваат дека државните институции во овие моменти треба да обезбедат максимална транспарентност, а не да најавуваат законски уредби за санкционирање на лажните вести и пресметки со медиумите. Тие порачуваат дека најдобар начин за дефакторизирање на дезинформациите е поголема транспарентност.

Многу битно, според ЗНМ, е да се забележи потребата од квалитетни дописништва во услови на глобална пандемија од корона вирусот.

„Се покажа дека дописниците при една ваква состојба се мошне важни и за медиумите и за граѓаните. Оттаму, сметаме дека треба да се направат дополнителни напори за да се обезбеди нивното место во новинарските редакции. Потсетуваме на препораките на ЗНМ за подобрување на дописничката мрежа на МРТВ и МИА со законски измени, но и со препораки кон националните телевизии и дневни весници“, велат од ЗНМ.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.