Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го осудува начинот на јавна комуникација и обвинувањата упатени кон весникот „Коха“ од страна на Институтот за Духовно и Културно Наследство на Албанците (ИДКНА).
Овој институт на својата веб страна и на профилите на социјалните мрежи има објавен текст насловен како „Застрашувачки е антисемитскиот јазик на весникот КОХА!“, во кој ги обвинува новинарите и уредниците како и соговорниците на одредени теми поврзани со написи за работата на Институтот а објавени во „Коха“. Во овој текст, кој потоа е објавен од неколку медиуми се обвинува медиумот „Коха“ дека работел со цел да наштети на имиџот на оваа јавна установа додавајќи дека „весникот „Коха“ ќе стане контејнер на антисемитски реакции“, реагираат од ЗНМ.
„Загрижува фактот што во последно време директори на јавни институции ги користат ресурсите на истите да се пресметуваат јавно со медиуми кои критички ја опсервираат нивната работа. Институтот за духовно културно наследство на Албанците како јавна национална установа треба да даде пример како се негува професионален однос со новинарите и медиумите а не истата да се обидува да ги дискредитира оние за кои тие сметаат дека не се етични“, се вели во соопштението на ЗНМ.
Од ЗНМ бараат од директорот Скендер Асани јавно да се извини на весникот „Коха“ и на тој начин да покаже дека има толеранција кон јавно кажана критика.
„Доколку и понатаму Директорот Асани смета дека било кој медиум не бил етичен на теми кои ја засегаат работата на Институтот има можност да поднесе претставка до медиумските саморегулативни тела или да го искористи своето законско право за барање на исправка и демант. Во спротивно ќе се остави впечаток дека тој тенденциозно врши притисок на работата на медиумите и со тоа се обидува да ги обесхрабри да се интересираат за работата на ИДКНА“, се наведува во соопштението на ЗНМ.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.