Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) со загриженост го следат процесот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, инициран од група пратеници на владејачкото мнозинство.
Во овој предлог се бара изборот на членови на Програмскиот совет во МРТ и во Советот на АВМУ во Собранието на РСМ да биде со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, наместо со двотретинско мнозинство, како што е тоа уредено со постоечката регулатива.
„Факт е дека поради принципот на двотретинското мнозинство и несогласувањата помеѓу владејачката коалиција и опозицијата, овој процес досега беше закочен во Собранието, но партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил „мерит системот“ за избор на лицата во овие тела. Сепак, пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постоечките закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите кои беа видливи во минатиот парламентарен состав. Дополнително загрижува фактот што овој Закон е предложен да биде усвоен по брза постапка, без никакво образложение во предлогот, со што не се остава простор за јавна дебата, ниту, пак, за транспарентност и вклученост на засегнатите страни во неговото носење,“ се додава во соопштението.
Во него се додава дека „начелото за двотретинско мнозинство при избор на членовите на управните тела во јавниот радиодифузен сервис и медиумскиот регулатор е важно бидејќи на тој начин се намалува ризикот од партиско-политичко влијание при изборот на членовите во овие тела од страна на пратениците.“
„Евентуалната промена носи ризици и за идниот состав на советите, кои при секоја промена на власта можат да бидат лесно заменети. Тоа ќе го наруши принципот на независност на институциите од политиката, што беше основен мотив кога се гласаше сегашното законско решение.За начелото за избор со двотретинско мнозинство, новинарските и медиумските организации се залагаа и во 2013 година кога се носеа медиумските закони, а за овој принцип се залагаа и експертите од Советот на Европа при изработката на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој се регулира работата на МРТ и АВМУ,“ реагираат од ЗНМ, ССНМ, МИМ и СЕММ.