Собранието на РСМ на продолжението на 32-та седница треба да ги усвои измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги по скратена постапка, кој пред пратениците се наоѓа на второ читање. Со законските измени предложени од група пратеници од владејачкото мнозинство се предвидува во иднина Собранието да ги избира членовите на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) со 61 пратеник, наместо како постојното законско решение со двотретинско мнозинство.
„Имајќи предвид дека изборот на членови на овие две тела требаше да се случи во 2019 година, но никогаш не се заврши постапката за избор на нови членови на овие тела, голема е веројатноста Јавниот радиодифузен сервис и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги да останат без органите кои се неопходни за тековното функционирање на овие две институции, заради состојби со политичка позадина. Овие состојби ниту смеат да влијаат врз изборот на членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, се наведува во образложението за донесување на законските измени од групата на пратеници од владејачкото мнозинство.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ вели дека власта со законските измени сака да ја политизира Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
„Со измените на овој закон власта сака изборот на членовите на оваа Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, да се избираат со мнозинство на пратеници во Комисијата за избори и именување, како и при гласање на овој предлог за изменување на законот во Собрание. Власта ги изменува досегашните членови од законот каде што се избираа членови на ова тело со двотретинско мнозинство, да се избираат со мнозинство од 61 пратеник во Собранието“, изјави денеска пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
И покрај ваквата реакција на опозицијата, новинарските здруженија и експертите веќе подолго време предупредуваат за негативните последици од истечениот мандат на постојните членови на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Сепак, актуелниот Закон за ААВМУ, им овозможува на актуелните членови да ја задржат функцијата сѐ до изборот на новите членови од страна на Собранието на РСМ.
Изборот на нови членови во МРТ и во ААВМУ е блокиран уште од 2019 година, првенствено поради фактот што власта и опозицијата досега не можеа да се договорат за обезбедување мнозинство во Комисијата за избори и именувања и за двотретинско мнозинство во Собранието околу имињата на новите членови што би се избрале во Програмскиот совет на МРТ и во Советот на АВМУ.