Собранието „со умисла“ им го продолжило мандатот на членовите на Програмскиот совет на МРТ

Конкурсот на Програмски совет на Македонската радио телевизија за избор на членови на Надзорен одбор на МРТ формално не може да се спори, бидејќи Собранието со последните измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, усвоени кон крајот на 2018 година, им го продолжило мандатот на членовите на Програмскиот совет до изборот на новите членови. Членот 43 од овие измени и дополнувања на законот за АВМУ е многу јасен и не остава никаков простор за различни толкувања. Друго прашање е дали изборот на новиот Надзорен одбор на МРТ ќе биде легитимен, бидејќи е избран од орган на кој, практично, му е истечен мандатот.

„Постојните членови на Советот и директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членовите на Програмскиот совет и директорот и заменик на директорот на МРТ ја вршат функцијата до изборот на членови на Советот и директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и членови на Програмскиот совет и директор и заменик на директор на МРТ“, стои во став еден од член 43 на законот за АВМУ. Овој став личи како законодавецот да предвидел дека изборот на нов Програмски совет ќе се одолговлекува и проблематизира.
Согласно ваквата одредба, која очигледно кон крајот на 2018 година била донесена без да биде забележана од јавноста и невладниот сектор, јавниот конкурс на Програмскиот совет за избор на нови членови на Надзорен одбор на МРТ, објавен на 17 јануари годинава, правно не може да го спори сегашниот состав, бидејќи со продолжување на мандатот на членовите на Советот, на нив им се продолжени и сите права и обврски што произлегуваат од законот.

Продолжен мандат – алиби за долга постапка?

Потпретседателот на Програмскиот совет на МРТ, Ведат Мемедалиу за „Мета.мк“ тврди дека тие имаат законска обврска да објават конкурс затоа што на стариот состав, кој согласно законот има фиксен мандат од пет години, наскоро му истекува мандатот. Тој смета дека тие не смеат да дозволат јавниот сервис да остане без надзорен одбор, кој има обврска да го контролира финансиското работење на МРТ.
„Според Законот мандатот ни истекува на денот кога се именуваат новите членови. Ние, пак, според статутот мора да објавиме конкурс, бидејќи во март ќе истече мандатот на членовите на Надзорниот одбор на МРТ. Законски сме принудени на тоа“, вели Мемедалиу.
Реакцијата на ЗНМ за поништување на конкурсот тој ја оценува како принципиелна, но додава дека законот е на нивна страна и дека Програмски совет ќе работи се додека Собранието не избере нови членови на Советот.
Здружението на новинари на Македонија јавно реагираше и побара од Програмски совет да го повлече конкурсот.
„Мандатот на Програмскиот совет истече во декември 2019 година и од тие причини сметаме дека е проблематично тие да избираат нови членови на Надзорниот одборот кој треба да врши контрола на материјалното и финансиското работење на јавниот сервис во идните години“, се вели во соопштението на ЗНМ во кое се додава дека дополнителен проблем на овој Совет е што членовите на Советот имаат конфликт на интереси.
ЗНМ бара од Комисијата за избори и именувања на Собранието да најде заеднички јазик и да ги избере новите членови на Програмски совет на МРТ и со тоа да овозможи почеток на медиумските реформи.

Зошто Џафери не ја забрзал постапката

Забуната во јавноста околу објавениот конкурс за избор на членови на Надзорен одбор на МРТ беше создадена поради тоа што Собранието ги пречекори сите законски рокови предвидени за избор на новиот состав на Програграмски совет на МРТ и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Претседателот на Собранието, Талат Џафери кон крајот на јануари 2019 година, еден месец по изгласување на измените на законот за АВМУ, објави оглас за избор на членови на раководниоте органи на МРТ и АВМУ. За 13 места во Програмски совет до почетокот на март истата година се пријавиле 19 кандидати, но, Комисија за избори и именувања не успеа да утврди листа на кандидати за членови на Програмски совет и на Советот на АВМУ, кои треба да се гласат со двотретинско мнозиство како во Комисијата, така и во Собранието.  Претседателот на Комисијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, не закажува продолжување на седницата на Комисијата без претходно да има консензус меѓу власта и опозицијата за овие кадровски прашања.

Парламентарното мнозиство досега не ги искористи деловничките можности за деблокирање на работата на Комисијата и да изврши избор на новите тела на МРТ и АВМУ. Таква опција има спикерот Талат Џафери, кој согласно деловникот за работа на Собранието може да го закаже продолжувањето на расправата во Комисијата на местото на актуелниот претседател, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Власта не се обиде ни да го смени составот на Комисијата, каде моментално мнозиство има опозицијата, ниту пак да обезбеди двотретинско мнозиство за избор на Советот на МРТ и на АВМУ со помош на осумината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги гласаа измените на Уставот со кои се промени името на земјата на Република Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор.
Медиумските експерти се едногласни дека формалните процедури во Собраннието не можат да бидат изговор за отсуство на медиумските реформи.
Комуникологот, Климе Бабунски нагласува дека во континуитет, уште во време на изготвување на актуелниот Закон, укажувал дека двотретинското гласање во Собранието за избор на членовите на управните органи на МРТ и АВМУ (ќе) претставува пречка за медиумските реформи. Тоа можеби е добро во земји со демократска традиција, меѓутоа во „држава која функционира според Пржинска формула“ такви решенија се неизводливи или проблематично демократски, тврди Бабунски.
Тој смета дека ако се сакаше да се изберат управните органи во јавниот сервис, спикерот на Собранието, врз основа на мнозинството во Собранието, можеше да ја деблокира работата на Комисија за избори и именувања за да се види кој/кои од пријавените кандидати не се „по мерка“ на партиите во Собранието, сеедно дали во рамки на Комисијара или на пленарна седница на Собранието. Бабунски нагласува дека ова е особено важно, имајќи го предвид начинот, јавната расправа преку која кандидатите ќе ја докажуваат својата соодветност при изборот.
„Навидум техничка постапка, во нашиот контекст доби огромна политичка тежина“, вели Бабунски.
Според него, во Македонија се потребни длабоки, Коперникански реформи, но тие ќе бидат можни само тогаш кога ќе се смени јавниот дискурс и да се разбере дека граѓаните, а не политичките актери се најважни во прикзната.
„Без реформи во медиумскиот систем, реформите во општеството се привид. Не може да се промени јавниот дискурс, ако оние кои го создаваат јавното мислење, имено медиумите, сè уште живеат во старата „животна околина“.
Сефер Тахири, новинар и професор со докторска теза за работата на Македонската радио телевизија вели дека објавувањето на огласот за избор на членови на Надзорен одбор на МРТ може да биде легално, но не е легитимно.
„Огласот е објавен од Програмски совет на МРТ, на кој му е истечен мандатот“, смета Тахири. Тој тврди тврди дека немањето на реформи во МРТ е резултат на отсуството на визија од политичките елити како сегашното МРТ да го трансформираат во вистински јавен сервис на граѓаните.
„Нереформирањето на МРТ ќе биде голема препрека во унапредување на медиумскиот систем и на парламентарната демократија воопшто. Политичките партии од власта и опозицијата мора да најдат начин да се деблокира процесот затоа што колапсот на МРТ ќе биде неизбежен“, предвидува Тахири.
Инаку, конкурсот на Програмскиот совет за избор на нови членови на Надзорен одбор на МРТ предвидува минимални услови што треба да ги исполнат пријавените кандидати. Тие треба да имаат македонско државјанство, да имаат завршено било каков факултет и да имаат најмалку пет години работно искуство од областа на финансиското и сметководственото работење.
Новиот закон за АВМУ предвидува нова постапка за избор на членови на раководните органи на МРТ и АВМУ. Освен двотретинското мнозиство, за изборот на новите раководни структури потребно е да се организира и јавна расправа во Собраниската комисија за избори и именувања, каде пријавените кандидати ги претставуваат нивните програми, а пратениците и заинтересираната стрична јавност имаат можност да ги сослушат. Исто така во законот се предвидени дополнителни услови за кандидатите. Тие треба да имаат најмалку осум години работно искуство и да се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото, од значење за Програмскиот совет. Кандидатите со конфликт на интереси поврзано со работата на радиодифузерите не смеат да бидат избрани во Советот на МРТ.
Новина се и писмата на поддршка што треба да ги обезбедат пријавените кандидати од најмалку две граѓански организации во областа на унапредувањето на човековите права, медиумите и демократијата, од најмалку едно новинарско здружение, или најмалку две здруженија од областа на културата или, релевантно здружение, асоцијација или комора од областа на информатичко комуникациски технологии и услуги или најмалку две високо-образовни установи кои имаат студиски програми од областа на комуникологијата, новинарството, уметноста, економијата или правото.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.