ААВМУ: И првата програма на Македонското радио вчера го прекршила изборниот молк

Во рамките на својот изборен мониторинг, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), констатираше дека вчера, 14 јули, Првиот програмски сервис на Македонско радио во неколку дневноинформативни изданија емитуваше прилози за активности на Министерството за внатрешни работи за спречување потенцијален криминал поврзан со изборниот процес, во кои е емитувана изјава од прес-конференција на носител на функција во органите на власта. Со тоа е прекршен изборниот молк и Агенцијата ќе покрене прекршочна постапка.

„Агенцијата повторно потсетува дека согласно Изборниот законик, за време на изборниот молк, односно до затворањето на гласачките места, медиумите не смеат да објавуваат какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето; како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта“, се вели во соопштението на ААВМУ.

Од ААВМУ вчера излегоа со соопштение за прекршување на изборниот молк од страна на телевизиите Телма и Алсат-М, но и со апел до сите радиодифузери во земјава да го почитуваат изборниот молк.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.