Македонско радио со изјава на Чулев, Телма и Алсат со изјава на Филипче го прекршиле изборниот молк

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на вчерашната седница донесе заклучок за покренување на прекршочни постапки пред надлежен суд против телевизиите Телма и Алсат-М, а идентична прекршочна постапка ќе следи и против првата програма на Македонското радио за прекршување на изборниот молк.

Сите три медиуми го прекршиле членот 76-б став 3 од Изборниот законик, односно за време на изборен молк објавиле аудиовизуелни материјали за носител на функција во органите на власта кој воедно активно учествуваше во кампањата на еден учесник во изборниот процес.

Според објавените извештаи на ААВМУ, првата програма на Македонското радио во неколку дневноинформативни изданија емитувала радио прилози на 14 јули со изјави на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за активности на МВР за спречување потенцијален криминал поврзан со изборниот процес. Чулев има улога на носител на функција во органите на власта, се наведува во извештајот на ААВМУ.

Идентично прекршување на 13 јули и 14 јули направиле телевизиите Телма и Алсат-М, кои во дневноинформативни изданија емитувале прилози поврзани со состојбата со корона вирусот и со активностите на здравствените власти со изјава на министерот за здравство Венко Филипче, којшто исто така има улога на носител на функција во органите на власта.

Покренувањето на прекршочна постапка од ААВМУ за трите медиуми за прекршување на изборниот молк подразбира дека судот допрва ќе треба да ја определи висината на паричната казна што ќе ја добијат Македонското радио, Телма и Алсат-М.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.