ААВМУ мониторира 14 медиуми, регистрирано едно прекршување кај политичките реклами

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) врши мониторинг на изборното медиумско претставување на 14 медиуми, како и мониторинг на платеното политичко рекламирање за изборите на 15 јули на сите радиодифузери од Регистарот на медиуми на ДИК. На денешниот јавен состанoк, директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски посочи дека на првиот ден од изборната кампања, ААВМУ констатирала дека повеќе телевизии спротивно на Изборниот законик емитувале платено политичко рекламирање во кое учествуваат малолетници.

– Преку соопштение апелиравме радиодифузерите веднаш да престанат да ги емитуваат овие спотови, а учесниците во изборната кампања да го усогласат нивното платено политичко рекламирање со законите – изјави директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски.

Во однос на мониторингот на изборното медиумско претставување, Извештајот на ААВМУ за периодот за времетраење на изборната кампања ќе биде објавен по завршувањето на истата, но евентуалните прекршувања на изборната регулатива ќе се објавуваат веднаш по нивното констатирање на веб-страница на ААВМУ.

Со мониторингот се опфатени програмите на МРТ 1, МРТ 2, Македонско радио – 1, Македонско радио – 3, Собранискиот канал, Алфа, Алсат, Сител, Канал 5, ТВ 21-М, Шења, Клан, 24 Вести и телевизија Телма. Мониторингот започна на 24 јуни, при што ААВМУ ангажираше 19 надворешни соработници, како и вработени во Агенцијата од надлежните сектори.

Покрај следењето на овие 14 медиуми, ААВМУ по пристигнати претставки ќе постапува и за сите други радиодифузери во однос на почитувањето на одредбите од Изборниот законик.

ААВМУ веќе го објави Извештајот од медиумското известување за предвремените парламентарни избори за предизборниот период од 17 февруари до 16 март, во кој оцени дека националните телевизиски и радио програми известувале објективно и непристрасно. Единствено се извоедни укажувања за првата програма на Македонското радио и Алфа ТВ.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.