ДУИ со претставка до ААВМУ, Агенцијата бара баланс во дебатните емисии на медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) вчера добила претставка од политичката партија ДУИ, во која таа реагира на организирањето дебатни емисии на програмите на медиумите. Агенцијата веднаш направила увид во податоците од мониторингот на досегашното изборно медиумско претставување, при што упати апел до медиумите за баланс при организирањето дебатни емисии.

„Радиодифузерите, доколку одлучат да емитуваат дебати и други видови посебни информативни емисии (соочувања, интервјуа, актуелно – информативни емисии, специјализирани емисии итн.), треба да обезбедат подеднаков пристап и правичност, избалансираност и непристрасност. Во овие емисии, балансот, се постигнува со почитување на принципот на пропорционалност според бројот на потврдени кандидатски листи, што значи дека радиодифузерите се должни да ги канат сите учесници коишто имаат ист број на листи со потврдени кандидати, без оглед дали станува збор за парламентарни или вонпарламентарни субјекти, и без оглед на јазикот на кој ја емитуваат програмата“, се вели во соопштението на ААВМУ.

Сепак, од Агенцијата соопштуваат дека за форматот на овие емисии – соочување (меѓу двајца) или дебатa (меѓу повеќемина), одлучуваат самите радиодифузери во согласност со својата независна уредувачка политика.

„Оценката дали се исполнети овие обврски се извлекува по завршување на кампањата, не за секоја поединечна емисија, туку за серијата интервјуа, дебатни емисии или соочувања што радиодифузерот ќе ги организира во текот на изборната кампања“, посочуваат од ААВМУ.

Досегашниот мониторинг покажува дека има радиодифузери кои треба да вложат дополнителен напор и да ги поканат сите субјекти со ист број на листи за да обезбедат баланс во дебатите до крајот на кампањата, велат од ААВМУ. Од друга страна, има случаи во кои учесниците во изборната кампања одбиваат да учествуваат во дебатни емисии на некои медиуми. Од Агенцијата укажуваат дека радиодифузерите ова треба да го соопштат во емисијата и воедно, треба да внимаваат колку пати ќе ја репризираат дебатата за да не создадат дисбаланс.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.