Граѓанската организација ЦИВИЛ денеска одржа прес-конференција за да ги претстават нивните досегашни наоди од мониторингот на платеното политичко рекламирање и медиумското известување пред и за време на изборната кампања за изборите што ќе се одржат на 15 јули. Од тимот на ЦИВИЛ посочија дека првата недела од предизборната кампања почнала жестоко и валкано, со жалење дека дезинформациите, клеветите, вербалното насилство, навредите и говорот на омраза станале едно од главните оружја и во ова предизборие.
– Се работи за очигледно оркестрирани пропагандни операции за ширење на дезинформации и омраза, кои особено се забележливи на социјалните мрежи, но и на неколку медиуми. Во оваа и ваквата продукција, предничат структури кои се поврзуваат со главната, но и споредните опозициски партии – изјави Џабир Дерала, првиот човек на организацијата ЦИВИЛ.
Тој посочи дека набљудувачите на ЦИВИЛ секојдневно регистрираат објави кои организирано се споделуваат на Фејсбук страници, со навидум имиња на организации или иницијативи. Потоа, од овие Фејсбук страници, содржините и пораките се шират по социјалната мрежа од профили, често пати безимени, но блиски до одредена политичка структура, а ги преземаат за објавување и некои медиуми во земјава.
– Овие манипулации и пропагандни активности не се само упатени кон политичките противници. Честопати нивна мета се други, непартиски актери, како што се: новинари и медиуми воопшто, граѓански организации и активисти, истакнати стручњаци во разни области, па сѐ до граѓанки и граѓани кои немаат никаква врска со споменатите ентитети, но се осмелиле да го искажат својот личен став. Сите тие се мета на говор на омраза од локални партиски структури – изјави првиот човек на ЦИВИЛ.
Носечки теми на структурите кои шират лажни вести, дезинформации и говор на омраза се шарената револуција, но во изминативе денови се забележани и фотомонтажи и тотално измислени информации. Џабир Дерала го спомена примерот со лажната вест од 28 јуни, која била објавена на социјалните мрежи и се однесувала за наводно вработување на Албанци во Управата за јавни приходи во Штип.
– Сите овие се со цел да предизвикаат омраза, што резултира со стотици други објави, коментари полни со омраза и повици за насилство, па дури и убиство – посочи Дерала.
Биљана Јордановска од тимот на ЦИВИЛ посочи дека нивниот мониторинг за периодот од 20 до 28 јуни на полноќ регистрирал 220 политички настани, за кои партиите потрошиле пари во или вон рамките на платеното политичко рекламирање. Една десетина од овие настани се случиле пред почетокот на изборната кампања на 24 јуни, а речиси сите партии имале промотивни активности пред да почне кампањата.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.