Основниот граѓански суд во Скопје од 1 септември 2019 ќе ја смени досегашната добра практика за постапување по предметите поврзани со слободата на изразување, односно за тужбите за клевета и навреда против новинари. Досега тужбите за клевета против новинари беа судени од тројца обучени судии, кои од 2012 година, кога беше донесен Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда, создадоа една добра судска пракса, почитувајќи ги одредбите на законот и секако применувајќи ја практиката на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, кој покажува висок степен толеранција кон новинарите поради важната улога на медиумите во едно демократско општество. По септември годинава, предметите за клевета против новинарите и медиумите ќе ги судат сите судии вработени во овој суд.
Новинарската заедница и адвокатите што досега застапуваа новинари пред Граѓанскиот суд се загрижени дека ваквата одлука на судот може да ја загрози добро изградената судска пракса поради тоа што другите судии не се обучени за постапување по овие предмети, согласно судската пракса на Европскиот суд во Стразбур.
Извршниот директор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Драган Секуловски, смета дека ваквото решение е избрзано затоа што на судиите што ќе ги судат тужбите за клевета на новинари, претходно требаше да им се обезбеди напредна обука поврзана со концептот на клевета и навреда и праксата на Европскиот суд во Стразбур.
– За разлика од порано, кога само тројца судии во Скопје судеа за клевета и навреда, сега сите судии може да го прават тоа и ова само по себе е ризик дека не сите судии ја имаат експертизата за оваа специфична тема – предупредува Секуловски.
Инаку, според податоците со кои располага ЗНМ, пред Граѓанскиот суд во Скопје има околу 35 тужби за клевета против новинари. Секуловски е задоволен како досега судиите ги решаваа тужбите.
– Во последните години и немало казна што била второстепена со огромни нематеријални штети кон новинарите, што, за жал, било случај во минатото – заклучува тој.
Според него, тоа покажува дека клеветата и навредата, како инструмент за притисок кон новинарите, се користи сè помалку во последните години.
И адвокатот Лазар Сандев, од Адвокатската канцеларија „Медарски“, која со години застапува новинари пред македонските судови за тужби за клевета и навреда, ја фали судската пракса создадена во Граѓанскиот суд во Скопје и Апелациониот суд во Скопје, бидејќи во случај кога се утврдува одговорност за сторена навреда или клевета, судиите не досудуваат големи и несразмерни износи за надомест на нематеријална штета, туку често се утврдува одговорност, но не се досудува справедлив надомест – нематеријална штета за повреда на честа и угледот.
– Ова е добар механизам, кој е воспоставен од Европскиот суд за човекови права и е во насока да не се создаде т.н. ефект на ладење (chilling effect), со кој новинарите во иднина би биле под страв да пишуваат за теми од јавен интерес – оценува тој.
Адвокатската канцеларија „Медарски“ застапува вкупно шест новинари, уредници и издавачи. Според долгогодишно искуство во застапување новинари, Сандев го фали пристапот на граѓанскиот суд и скопската апелација кон слободата на изразување.
– Тие ја разбираат Европската конвенција за човекови права и, најважно, примената на стандардите утврдени во пресудите и одлуките на Европскиот суд за човекови права при Советот на Европа – вели Сандев и додава дека ваквиот позитивен однос на тројцата судии што досега ги решаваа тужбите за клевета против новинари е поради тоа што тие имаат посетувано доста обуки организирани во Македонија и во странство.
– Тие реално го применуваат нивното знаење во оваа област – смета Сандев.
Реформата на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда беше една од прашањата во итните приоритетни реформи на европскиот експерт Рајнхард Прибе во врска со слободата на медиумите во 2016 година. По четири години, ова прашање воопшто не е отворено од страна на македонската влада.
Извршниот директор на ЗНМ тврди дека во 2018 година Владата презела обврска да работи на измени и дополнувања на законот, но потоа неочекувано таквата активност била избришаната од Планот 18, кој се однесуваше на итните реформи, со објаснување дека „голем дел од медиумските реформи се направени или се во тек и оти нема потреба да стојат во овој документ“.
Секуловски открива дека во меѓувреме во Министерството за правда е формирана комисија за ревизија на Законот за клеветата, меѓутоа од формирањето во пролетта 2019 година не одржала ниеден состанок. Оправдувањето од Министерството е дека во моментов се чека изработката на анализа за измените на оваа регулатива од страна на консултант. Анализата требало да вклучи и интервјуа со засегнатите страни, кои, поради корона-вирусот, не можеле да се направат и затоа изработката на анализата е одложена до крајот на септември.
За разлика од Владата, ЗНМ со ЕУ и Советот на Европа, во мај и јуни годинава, организира две онлајн-консултации на тема законски измени за дела клевета и навреда, на кои учествувале група новинари што биле тужени или што известуваат на оваа тема. Освен тоа, на овие вебинари присуствувале и адвокати што застапуваат новинари и судии што суделе предмети за клевета против новинари. На консултациите учествувале и претставници на други медиумски организации, но и претставници на Министерството за правда, Академијата за обука на судии и обвинители, како и независни локални и меѓународни експерти на темата.
Од досегашните дискусии, Секуловски претпоставува дека евентуалните измени на Законот за граѓанската одговорност за клевета и навреда ќе се однесуваат на бришење на делото навреда или на поинаков законски третман кон навредата споредбено со клеветата.
– Генерално, мислам дека овој закон треба да претрпи мали измени затоа што во пракса покажа дека ги исполни очекувањата, а треба особено да се работи и понатаму на подобрување на неговата имплементација од страна на судот, особено во делот на роковите и уште повеќе во делот на праксата на ЕСЧП – смета извршниот директор на ЗНМ.
Тој очекува делот на позитивната дискриминација кон новинарите да остане поради природата на новинарската професија и фактот дека новинарите се поизложени на тужби за клевета.
Според него, треба внимателно да се пристапи кон законските измени за да се избегнат непромислени решенија кои може повторно да се злоупотребуваат од разни центри на моќ за заплашување на новинарите и за поттикнување самоцензура.
И адвокатот Сандев има позитивно мислење за квалитетот на Законот за клевета, кој има елементи на англосаксонскиот правен систем. Ако постои одредена правна празнина или спротивност на одредбите на законот со примената на членот 10 од страна на Европскиот суд за човекови права, законот налага примена на Европската конвенција за човекови права на Совет на Европа.
– Законот што е во сила во моментов, дава пошироко поле на интерпретација кога постои судир на правото на приватност (правото на репутација) vis-a-vis слободата на изразување. И правнички, сметам дека овој закон дозволува поинакво правно резонирање, бидејќи слободата на изразување не можеш на хартија да ја ограничиш, а особено не слободата на мислата и на вредносниот суд – оценува Сандев.
Тој смета дека има простор законот да претрпи една измена, поточно членот 18, каде што се предвидени максимални казни, и тоа за новинар 2.000 евра, за уредник 10.000 евра и за издавач 15.000 евра.
– Сметам дека износите се превисоко поставени за нашиот стандард, особено за платите што ги имаат новинарите и уредниците. Замислете еден медиум да се казни 15.000 евра. Тоа значи затворање на тој медиум – предупредува Сандев.
Адвокатот тврди дека единствениот проблем што постоеше досега при примената на законот беше околу легитимацијата на интернет-портали, кој е решен со заклучок на четирите апелациони судови во Северна Македонија. Тој заклучок им наложи на сите судии во земјата да ги прифатат тужбите за наводни клевети против новинари објавени на порталите. По ваквиот заклучок, судовите почнаа да ги процесуираат сите тужби против новинари, без разлика за кои видови медиуми работат. Со ова, станува беспредметно порталите да се регулираат со Законот за медиумите.
Автор: Насер Селмани
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.