Досудени 5.200 евра казни на дел од медиумите за известување во изборната кампања и изборниот молк

Дел од националните телевизии и радио станици од Основниот кривичен суд-Скопје се казнети со вкупно 5.200 евра за неизбалансирано известување за време на изборната кампања, како и за непочитување на изборниот молк пред одржувањето на предвремените парламентарни избори на 15 јули годинава. ААВМУ најново објави дека и телевизија „Шења“ добила вкупна казна од 1.600 евра (1.200 евра за правното лице и 400 евра за одговорното лице) поради неизбалансирано покривање на изборната кампања.

ТВ „Шења“ е казнета затоа што во време на изборната кампања во вестите од 18:55 часот наместо да известува за сите учесници во изборната кампања, телевизијата информирала само за четири од вкупно 15 учесници на парламентарните избори.

Ова е трет медиум за кој Основниот кривичен суд-Скопје ја прифати прекршочната постапка покрената од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) по досудените глоби од 1.000 евра на Алсат-М (800 евра за правното лице и 400 евра за одговорното лице) за неизбалансирано известување во изборната кампања и по казната од 2.600 евра за првиот програмски сервис на Македонското радио – ЈП МРТ (2.000 евра за правното лице и 600 евра за одговорното лице).

Во објавениот Преглед на прекршочни постапки на веб-страницата на ААВМУ може да се најде и ослободителната пресуда на Алсат-М во однос на прекршочната постапка од ААВМУ за прекршување на изборниот молк. Скопскиот суд ја ослободил Алсат-М од одговорност за емитувањето на изјава на министерот за здравство Венко Филипче во периодот на изборен молк, на истиот начин како што претходно и телевизија Телма беше ослободена од одговорност. Сепак, ААВМУ поднела жалба пред Апелациониот суд за ослободителната пресуда за Алсат-М.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.