ZNM - SSNM - Maricic

ЗНМ и ССНМ ќе бидат вклучени во измените на Изборен, Кривичен и Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета

Претставници на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), денеска остварија средба со министерот за правда, Бојан Маричиќ.

Главна тема на дискусијата на средбата било прашањето околу третманот и заштитата на медиумските работници.

„Се разговараше околу потребата за измена на Кривичниот законик (КЗ) кој во моментот се работи со поддршка на Мисијата на ОБСЕ, со посебен фокус во делот на препораките на синдикатите, а тоа е медиумските работници да бидат опфатени со посебни одредби во КЗ. Министерот Маричиќ истакна дека синдикатите ќе учествуваат во дефинирањето на одредбите од овој закон во делот на кривичните дела кои се однесуваат на различни форми на напади или закани упатени кон медиумските работници,“ се вели во соопштението од Министерство за правда.

Покрај законските измени, соговорниците се согласиле дека сепак е потребно одлучно постапување по службена должност од страна на надлежните институции за истражување и санкционирање на овие дела.

„Воедно, на средбата се дискутираше и околу најавената измена на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, за кој Маричиќ истакна дека во моментот се подготвува анализа во која ќе бидат содржани и препораките за измени на законот, кои ќе се разгледуваат заедно со синдикатите. Последна, но не и помалку значајна тема, беше околу измените на Изборниот законик во делот на одредбите кои се однесуваат на медиумите, за кои Маричиќ исто така најави соработка со синдикатите,“ се додава во соопштението.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.