ЗНМ бара од ОЈО посебно одделение за решавање на напади кон новинари

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, директорот на ЗНМ Драган Секуловски и адвокатот кој застапува група на новинари за нелегалното прислушување, Филип Медарски, вчера остварија средба со државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, информираат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

На средбата биле отворени повеќе прашања поврзани со подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници и како Основното јавно обвинителство да биде повеќе активно во гонење на оние кои се закануваат на новинарите и ги повредуваат нивните права.

„Во регистарот на ЗНМ за напади кон новинари од почетокот на оваа година до овој момент бележиме 14 напади кон новинари, од кои повеќе од пола се кон жени новинари. Во 2019 година имавме само 4 напади вкупно и овој негативен тренд треба да го вклучи алармот пред сè во ОЈО, особено земајќи предвид дека според нашата евиденција нема ниту еден покренат обвинителен акт против напаѓачите“, укажа Чадиковски на зголемениот тренд на закани кон новинарите во 2020 година.

Од страна на претставниците на ЗНМ била побарана поголема проактивност за овие случаи од страна на обвинителството, а бил и даден предлог за формирање на посебно одделение во обвинителството за гонење на напади кон новинари и медиумски работници.

„Задачата на ова посебно одделение е да ги истражи не само повредите на правата на новинарите од оваа година, туку и постарите случаи, бидејќи само на тој начин ќе се подобри негативната пракса на неказнивост која во моментов е присутна“, истакна директорот Секуловски.

Според Јовески, во наредниот период ОЈО ќе се заложи да ги провери случаите кои ги има регистрирано ЗНМ за напади кон новинари и ќе се разговара интерно за барањето за формирање на посебно одделение.

Адвокатот Медарски во својство на правен застапник на ЗНМ за случајот со нелегално прислушкување на новинари, побара од државниот јавен обвинител помош во обезбедување на докази, дека телефонските броеви кои ги користеле новинарите критичниот период биле предмет на неовластено прислушкување. Оваа поддршка од ОЈО за оваа постапка е нужна во насока на дополнително аргументирање на тужбата во име на новинарите на кои им се прекршени нивните права во овој случај.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.