Лажните вести и (само)регулацијата во фокусот на програмите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во делот за медиумите

Медиумите и нивната (само)регулација, заканите и тужбите со кои се соочуваат новинарите, лажните вести, медиумската писменост и финансиската поддршка на медиумите се наоѓаат во предизборните програми на двете најголеми политички партии што ќе се натпреваруваат на парламентарните избори на 15 јули.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, „Обнова на Македонија“, пишува дека партијата доколку дојде на власт ќе иницира „формирање на професионално тело за саморегулација на медиумите, под закрила на АВМУ, со учество на релевантните медиумски организации.“

„Намерата на ова тело ќе биде да ја намали потребата за ангажирање на другите државни институции, како судовите или обвинителството, во спорови кои произлегуваат во медиумската сфера. Телото би било репрезентативно на различните новинарски здруженија и медиуми, и преку јавни седници би давало мислење за претставки поднесени од страна на граѓани, носители на јавни функции, стопанственици… кои сметаат дека одреден медиум ги прекршил етичките правила на известувањето кога објавил вест за подносителот. Новинарите кои се соочуваат со тужба, исто така, ќе можат да побараат мислење од телото,“ пишува во програмата.

Понатаму, се предвидува „политичките партии кои го поддржуваат формирањето на телото би ги повикале своите претставници да ги почитуваат неговите одлуки, и да се воздржат од судско гонење на новинари доколку телото утврди дека новинарот постапил етички и коректно во известувањето.“

„Освен во случаи на судски спорови, телото може да дава свое мислење и за пријавени случаи на говор на омраза, ширење лажни вести и други кршења на општоприфатените правила на новинарската етика,“ се додава во програмата.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека „по формирањето на Владата, ќе отворат дијалог со медиумите за сите форми на регулаторни притисоци со кои се соочиле во изминатиот период, и ќе ги прифати сите издржани предлози кои ќе помогнат медиумите во иднина да можат да работат слободно.“

„Ќе се преиспитаат непотребните регулаторни обврски при формирањето на медиумите, уредувањето на програмата, определувањето на уредувачката политика, сопственичката структура, јазикот и стилот на изразувањето, условите за работа. Воедно, ќе се спротивставиме на обидите за воспоставување на нови регулаторни пречки и форми на притисоци врз новите видови на електронски медиуми – интернет-порталите, интернет-телевизиите и социјалните мрежи со цел да се заштити уставно загарантираната слобода на изразување. Секаде каде што тоа е можно, постоечката регулатива ќе се заменува со форми на саморегулација кои ќе ги утврди медиумската заедница,“ се додава во програмата.

Лажните вести и медиумската писменост пак, се во фокусот на програмата на владејачката коалиција „Можеме“ предводена од СДСМ.

„Ќе креираме алатки за новинарите и граѓаните, за брзо откривање и спречување на ширењето на лажни вести. Ќе работиме на медиумската писменост, особено кај најмладата публика, преку воведување на соодветни содржини во образовните предмети во основните и средните училишта, почнувајќи од учебната 2021/2022 година и нивно редовно ажурирање во период од две до четири години. Во првата година од новиот мандат ќе поддржиме создавање на истражувачка медиумска лабораторија, преку која студентите по новинарство од почетокот на студирањето ќе се вклучат проактивно во борбата со дезинформациите и лажните вести. Ќе обезбедиме поголема заштита на малолетната публика од штетните влијанија на онлајн медиумите, преку усогласување на националното законодавство со новата директива на ЕУ за аудиовизуелни правила кои се однесуваат на video- sharing платформите,“ пишува во програмата на СДСМ.

Од СДСМ најавуваат дека доколку добијат нов мандат за водење на државата од граѓаните, во Собранието ќе формираат повеќепартиска група за систематска борба со лажните вести, која ќе ја следи работата на сите државни органи чија акција е неопходна во оваа борба.

„Ќе обезбедиме континуирана финансиска и нефинансиска поддршка за печатените медиуми и локалните телевизии,“ се додава во програмата на коалицијата „Можеме“.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.