На вонредните парламентарни избори што треба да се одржат на 15 јули идната недела на денот на гласање нема да има изборен молк. Тоа значи дека учесниците на изборите на денот на гласање ќе можат да ги користат медиумите и социјалните мрежи за да ги повикаат граѓаните да гласаат за нив и при тоа ни партиите ни медиумите нема да можат да се казнат за кршење на изборниот молк.
Идејата на изборниот молк е да престанат партиското агитирање и ширењето пропаганда на денот на изборите и да се остават на мира гласачите два дена да размислат за понудата на партиите и да донесат одлука без надворешни влијанија и врз основа на своите лични проценки. Тие имаат неколку часа на располагање да размислат за сите пренесени пораки од политичките експоненти за време на кампањата и да ја изберат алтернативата што одговара на нивните и интересите на земјата.
Според Изборниот законик, во член 76-б, за кршење на изборен молк се смета ако медиумите на денот на изборите емитуваат или објавуваат „какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите“.
Исто така, за кршење на молкот се смета и секој облик на медиумско известување што е отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и може да влијае врз одлуката на избирачите. Освен тоа, медиумите не смеат да објават податоци со кои се открива идентитетот на политичките субјекти и на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето.
За кршење на молкот, во Изборниот законик е предвидена глоба од 4 илјади евра, за емитување на платено политичко рекламирање, која нема да биде применета поради пропустот во уредбата за изборите.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски тврди дека дека тоа што ќе нема молк на денот на изборите е превид и дека зад тоа нема никаква намера.
– Многу поважно е каква ќе ни биде кампањата, како ќе ги следиме пораките на граѓаните, дали ќе бидеме на висина на задачата. Говорот на омраза и нападите да ги замениме со проекти. Мислам дека не е ништо намерно, мислам дека и за тој ден ќе се разгледаат опциите во ДИК, тие ќе ги донесеат одлуките по ова прашање – рече Спасовски.
Иако уредбата за изборите е донесена од Владата, Спасовски смета дека Државната изборна комисија треба да даде одговор зошто не е предвиден изборен молк на денот на самото гласање на предвремените парламентарни избори – 15 јули.
Меѓутоа претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, вели дека комисијата во случајот е немоќна да направи што било и дека решение за пропустот нема.
Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски, за „Мета.мк“ тврди дека Агенцијата е ставена пред свршен чин дека на денот на изборите нема да има изборен молк и оти нема законски можности да ги санкционира медиумите што нема да го почитуваат молкот. Трајчевски открива дека во наредните денови ќе излезе со повик до сите медиуми, со кој ќе ги замоли да го почитуваат изборниот молк на денот на изборите и покрај тоа што таква обврска на овие избори немаат.
Трајчевски вели дека навреме укажале на претставниците на Министерството за правда за можните пропусти, меѓутоа постојано биле игнорирани. Тој открива дека пред распуштање на Собранието, заедно со Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завид за ревизија, доставиле предлози како да се подобри изборното законодавство, меѓутоа партиите ги игнорирале нивните предлози.
Пример, Заводот за ревизија, побарал да му се овозможи увид во сметките на политичките партии, меѓутоа предлогот бил одбиен со објаснување дека тоа било во спротивност за Законот за банките.
Националните телевизии по сѐ изгледа дека на 15 јули ќе го почитуваат изборниот молк и покрај тоа што немаат таква законска обврска. Во Здружението на македонските национални телевизии сѐ уште не разговарале за ова прашање, но претставниците на телевизиите поединечно се залагаат за почитување на молкот.
Директорот на „Телма“, Атанас Кировски, вели дека нема никаков сомнеж оти нивната телевизија ќе го почитува изборниот молк. На иста линија е и директорот на „Канал 5“, Иван Мирчевски, кој смета дека се работи за ненамерен пропуст и оти тие како медиум ќе ја почитуваат досегашната практика.
– Изборен молк е изборен молк – вели Мирчевски.
Наклонети кон почитување на изборниот молк на денот на гласањето се и претставниците на печатените медиуми. Лирим Дулови, претседател на Здружението на печатените национални медиуми, вели дека за ова прашање набрзо ќе дискутираат членките на здружението, меѓутоа очекува да биде поддржана досегашната практика, да се почитува изборниот молк на денот на гласањето.
Засега не е јасно како ќе се однесуваат онлајн-медиумите и активистите на политичките партии на социјалните мрежи. Кршење на изборниот молк имало и во минатото. Така пратеникот на ДУИ, Артан Груби, на денот кога се гласаше на Референдумот за името во 2018 година, преку „Фејсбук“ ги повика своите поддржувачи да ги искористат нивните пет минути да донесат одлука за својата и за иднината на идните генерации. За ваквото кршење на молкот, Груби не сносеше никакви последици.
На предвремените парламентарни избори ќе учествуваат 15 коалиции и политички партии, кои поради кризата со корона-вирусот нема да организираат големи митинзи, туку изборната кампања најмногу ќе ја фокусираат кон социјалните мрежи и кон политичкото претставување во медиумите, платена од буџетот на државата.
Автор: Насер Селмани