МИОА ја одобри новата систематизација за дополнителни 460 работни места во МРТ

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) минатата недела ја одобрило новата систематизација на работните места во Македонската радио-телевизија (МРТ), предложена од Програмскиот совет на МРТ. Потпретседателот на Програмски совет, Ведат Мемедалија, вели дека новата систематизација е потпишана од државниот секретар на МИОА, Адем Авзиу и предвидува зголемување на бројот на вработените на јавниот сервис од сегашните 764 на 1.224 вработени.

Мемедалија тврди дека бројот на вработените во наредниот период ќе треба да се зголеми за 460 лица, од кои над половината треба да бидат новинари и креативен кадар. Тој смета дека односите меѓу МИОА и МРТ се нормализирани откако за нов генерален секретар на ова министерство е избран Авзиу, кој покажал поголемо разбирање за подобрување на состојбите во јавниот сервис.

Во меѓувреме, откако е одобрена систематизацијата, раководството на МРТ изготвило и План за вработување и прераспоредување на вработените, којшто треба да оди на одобрување во МИОА. Мемедалија вели дека има расположение во МИОА да се одобри планот, а за негова примена ќе биде потребна и согласност од Министерството за финансии.

Овој план ќе даде можност не само да се вработат нови лица, туку и сегашните вработени да добијат унапредување во нивната кариера, во согласност со квалитетот на нивната работа, а со тоа да им се зголемат и примањата.

Тој тврди дека поради отворените нови канали, МРТ има огромен недостаток на новинари, креативен и административен кадар и затоа се разговара со надлежните институции, како што е МИОА и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), да дозволат нови вработувања, иако земјава се наоѓа во изборен период. Се разгледува можноста да се добие согласност од ДКСК новите вработувања да не се третираат како предизборни вработувања поради специфичната состојба во која се ноаѓа јавниот сервис.

Од раководството на МРТ веруваат дека ако се зголеми бројот на вработените и ако се обезбеди независно и одржливо финансирање, како што е предвидено во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, јавниот сервис ќе може да ги покрие со квалитетна програма сите програмски сервиси. Според член 105 од Законот за АВМУ, МРТ годинава требаше да добие 0,9 отсто од државниот буџет или околу 21 милиони евра. Меѓутоа, планирано е јавниот сервис да добие нешто под 15 милиони евра.

Освен постојаното намалување на буџетот, финансиската состојба на куќата ја оптоваруваат и старите долгови, од кои некои се наследени дури и од периодот на Југославија. Три милиони евра МРТ должи кон Парискиот клуб, кој како кредит е земен уште во далечната 1984 година. Уште три милиони евра јавниот сервис има долг кон компанијата што стопанисува со македонските аеродроми, поради заем што во минатото бил земен од претходните раководства за исплата на плати на вработените. Исто така, два милиона евра се долг кон Управата за јавни приходи (УЈП) по основа на ДДВ за радиодифузната такса. Државата побарува данок за такса што воопшто не е собрана, а одговорна за тоа не беше МРТ, туку УЈП. По еден милион евра јавниот сервис ѝ должи на Македонската музичка индустрија и за други тековни трошоци за вода, струја и др.

Нови телевизиски канали со стара програма 

МРТ во април годинава пушти во етер четири нови телевизиски програми. Новоотворените канали се МТВ 2, 24 часовен канал на албански јазик, МТВ 3, канал за спорт и забава, МТВ 4 , канал за другите етнички заедници и документарна програма, и МТВ 5, специјализиран канал за детска програма. Овие канали немаат јасна програмска шема и таму претежно се реемитува стара содржина од архивата на МРТ. Дел од програмата е сопствено производство, а другата е странска програма, за која јавниот сервис има право за повеќекратно реемитување.

Во обид да го подобри квалитетот на програмата, МРТ во април годинава објави јавен повик за набавка на програмски содржини од продукциски куќи и автори. Проектите треба да опфатат едукативни, детски, информативни, играни, документарни, забавни и спортски содржини. Овие програми ќе бидат финансирани од сопствени средства, и од донацијата во висина од половина милион евра, која МРТ ја доби од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Инаку, одлуката за отворање четири нови телевизиски канали, Програмскиот совет на МРТ, ја има донесено уште кон почетокот на декември 2018 година, а каналите почнаа да емитуваат програма речиси една и пол година подоцна.

„Со пуштање во етер на новите канали очекуваме нашите гледачи да добијат можност за следење поголем број различни содржини што опфаќа повеќе целни групи. Во овој период можеби е најзначајно отворањето на детскиот канал каде што ќе понудиме повеќе образовна и едукативна програма за учениците. Исто така, со зголемување на обемот на програмата на албански јазик, како и каналот за другите етнички заедници ќе се отвори можност што поголем број програми да се емитуваат на јазиците на нашите верни гледачи“, стоеше во соопштението на МРТ.

Каналите се бесплатно достапни за сите граѓани преку терестријалната мрежа, како и преку платформите на сите оператори на програми, а новите канали преку кабелските оператори „А1“ и „Телекабел“ граѓаните може да ги гледаат откако ќе ги прескенираат своите ТВ-приемници или Сет-топ бокс-уредите.

Причините за ваквото брзање во отварањето нови канали во услови кога МРТ има сè помалку финансиски средства во буџетот, раководството ги објаснува со фактот што во измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, усвоени во последната недела од декември 2018 година, без никаква најава, му била одземена надлежноста на Програмски совет на МРТ да го определува бројот на програмските сервиси.

Во членот 107 од Законот е избришан последниот став 9, кој предвидуваше за бројот на програмски сервиси да одлучува Програмски совет. За да ја осуети намерата на владата и пред да стапат во сила измените на законот во јануари 2019 година, Советот одлучил да отвори нови програмски сервиси. Во стариот закон, член 107, став 9, постоеше јасна надлежност на Програмски совет, да одлучува за новите програмски сервиси, по предлог на директорот.

Новиот модел за финансирање на МРТ да се спроведе во дело

Во врска со состојбата во МРТ, Институт за развој на електронски комуникации – ИНРЕКОМ во мај годинава објави анализа, во која вината за лошата состојба во јавниот сервис, освен во политичкото влијание и проблемите со финансирање, се лоцира и во неефикасноста на вработените. „Според одредени проценки, своите работни обврски ги исполнуваат со едвај 30 отсто ефективни работни часови од вкупното работно време во денот, т.е. неделата“, се констатира во анализата.

За подобрување на состојбата, во анализата се препорачува враќање на стариот режим на финансирање, без да објаснат кој ќе биде одговорен за собирање на радиодифузната такса и кој ќе одговара ако повторно таа не се собира во целост. Досега сите форми на собирање на таксата пропаднаа не поради МРТ, туку поради тоа што не постоеше политичка волја од сите досегашни влади да се наплатува таксата.

Во други европски земји, таксата се собира од страна на самиот јавен сервис, но тие сервиси имаат сопствен систем за собирање на таксата и таму владее ефикасен правен систем, кој обезбедува присилна наплата на таксата ако граѓаните одбиваат да платат. Во МРТ, секторот за наплата е одамна распуштен и ќе биде многу тешко да се врати во функција. Освен тоа, во земјава не постои правен систем што ќе обезбеди наплата на таксата ако граѓаните одбиваат да ја платат.

Иако сегашниот систем на финансирање ги намали приходите на МРТ, тој недвосмислено потврди дека воспоставувањето на независен и одржлив систем на финансирање на јавниот сервис е спречен од владата, која јасно го крши законот користејќи политички аргументи. Јавниот радиодифузен сервис годинава остана покус за над 6 милиони евра, кои како средства требаше да се одвојат од државниот буџет. Објаснувањето на МИОА беше дека помалку од предвидените средства за МРТ од годинешниов државен буџет се издвоени поради тоа што раководството не ги исполнило препораките од голем број меѓународни и домашни релевантни институции дека е неопходна стратегија за реформа на јавниот радиодифузен сервис.

Препораката на Советот на Европа за обезбедување на независноста на јавните радиодифузни сервиси од 1996 година јасно ја предвидува обврската на владите да обезбедат стабилен и одржлив систем на финансирање на јавните сервиси, како еден од главните столбови на институционалната автономија и независната уредувачка политика.

Реформа на МРТ ќе се случи тогаш кога Собранието на РСМ ќе го избере новото раководство според новиот модел, и кога владата и парламентот ќе почнат да го применуваат Законот за АВМУ, обезбедувајќи средства за јавниот сервис во висина од еден отсто од националниот буџет.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.