Советот за етика ја поддржа жалбата на новинарката Мирослава Бурнс против порталот „ДоказМ“

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите во Македонија утврди дека жалбата на новинарката Мирослава Бурнс поднесена поради два написи објавени на порталот „ДоказМ“ е основана. Комисијата одлучи дека написите на „ДоказМ“ прекршиле дури 6 членови од Кодексот на новинарите на Македонија.

Станува збор за членот 1 (потребата од објавување точни и проверени информации), членот 3 (обврската за објавување исправка, демант и одговор), членот 7 (почитувањето на приватноста на личноста), членот 10 (новинарите свесно да не создаваат и преработуваат информации што ги загрозуваат човековите права и слободи, да не говорат со јазикот на омразата и да не поттикнуваат насилство и дискриминација по било која основа), како и членот 15 (потребата од негувањето на културата на говорот и етиката и кој вели дека непримерната комуникација е неспоива со новинарската професија). За прекршувањето на сите овие членови од новинарскиот кодекс, освен за еден, Комисијата донесе едногласна одлука.

„Членовите на Комисијата, најнапред, констатираа дека се работи за исклучително непрофесионален и несериозен новинарски производ, чија единствена цел е да се навреди, исмее и лично да се дискредитира новинарката Мирослава Бурнс, која воедно е и подносител на жалбата. Двата текста кои се предмет на жалбата изобилуваат со навреди, непримерен и вулгарен јазик, говор на омраза и дискриминација по родова основа и физички изглед. Комисијата се согласи дека се работи за грубо кршење на професионалните и етички стандарди, на начин на кој сериозно се нарушува и приватноста на личноста. Ова уште повеќе што информациите изложени во содржината се од незначителен јавен интерес, а новинарката Бурнс не е високо позиционирана јавна личност која би била подложена на поширок степен на јавна критика“, се вели, меѓу другото, во одлуката на Комисијата за жалби на СЕММ.

Мирослава Бурнс стана мета на порталот „ДоказМ“ откако напиша рецензија во порталот Критинк (crithink.mk) на еден од нивните написи со наслов „Кој за што „Доказ“ за секс и швалерки“. Во рецензијата Мирослава утврди дека текстот содржи „озборување, пресметување, колнење и сето тоа дополнето со сексистички квалификации и инсинуации за вработена во МЕПСО“, додавајќи дека текстот, покрај тоа и „навредува, жигосува, напаѓа ад хоминем, нарекувајќи ја личноста чијшто статус го презема „простичка” и „пациентка”, но и дополнувајќи го дискурсот со пцовки, вулгарности и квалификации, кои опасно го загрозуваат нивото на едно пристојно медиумско претставување.“ Со цел да ги објасни и поддржи ваквите ставови, во рецензијата се цитирани членовите од Новинарскиот кодекс кои се прекршени со објавувањето на ваквиот текст и е елаборирано како тие членови се прекршени.

Како реакција на оваа рецензија „ДоказМ“ објави два крајно навредливи написи против Бурнс, преполни со навреди, клевети и изрази кои недвосмислено содржат полова дискриминација, како и изрази преполни со безобразлуци и пцости, како што заклучува и Комисијата за жалби при Советот за етика на Македонија, во чие решение се наведени и образложенијата на сите прекршени членови од Кодексот.

Поддршка за Бурнс по нападите искажаа Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.