МРТ изборите ќе ги покрива по принципот 30 отсто за власта, 30 отсто за опозицијата и 10 отсто за помалите партии

Јавниот радиодифузен сервис ги објави правилата за медиумско покривање на претстојните парламентарни избори за првиот програмски сервис. МРТ во овој документ посочува дека МРТ 1 во своето известување ќе ги почитува стандардите и начелата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Изборниот законик и Етичкиот кодекс на новинарите.
Така, детално покривање на активностите од изборната кампања ќе има во дневниците од 17.00 и 19.30 часот на МРТ 1, додека во останатите информативни изданија ќе известува со помал обем за изборните активности на партиите. Следејќи ги членовите од Изборниот законик, јавниот сервис ќе обезбеди рамноправен пристап во информативната програма. Па така, 30 отсто од времето ќе посвети за дневните настани од земјата и од светот, 30 отсто од времето за активностите за партиите на власт, 30 отсто за предизборните активности на опозицијата и 10 отсто за активностите на политичките партии што не се претставени во Собранието.
МРТ на првиот телевизиски програмски сервис за време на изборите ќе емитува дебатни програми, интервјуа, а бесплатното политичко претставување ќе се емитува во периодот од 16 до 23 часот.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.