МРТ усвои Правилник за вработување, унапредување и распоредување на вработените

Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија (МРТ) на седницата одржана на 11 ноември 2020 година го донесе Правилникот за вработување, унапредување и распоредување на вработените во јавниот радиодифузен сервис. Со овој документ се уредува постапката по која ќе се врши изборот на нов кадар и искачувањето на повисоки работни места на постојниот кадар помеѓу давателите на услуги и помошно-техничките лица во МРТ.

Инаку, јавниот радиодифузен сервис веќе подолг период, вклучително и целата 2020 година, нема реализирано вработувања на нов кадар, додека бројот на вработените во МРТ постепено и постојано се намалува. Заклучно со 30 септември годинава, во МРТ биле вработени 738 лица, односно имало за 14 вработени помалку во споредба со крајот на јуни годинава. Покрај испразнетите работни места, подолго време во јавниот сервис постои проблем со неможноста за напредување во кариерата на вработените кои долги години се ангажирани во МРТ.

Министерството за информатичко општество и јавна администрација (МИОА) во јуни годинава ја одобри новата систематизација на работните места во МРТ, но сепак од ова министерство на крајот од октомври информираа дека Планот за вработување и распределба на вработените изготвен од раководството на МРТ не бил доставен во законскиот рок, поради што тој не бил одобрен од страна на МИОА.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.