Пет години тапка во место реформата во МРТ

Спикерот на Собранието, Талат Џафери, неделава писмено го известил претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, Костадин Костадинов, дека постапката за избор на новите членови на Програмски совет на Националната радио-телевизија и на членовите на Советот на Агенцијата за аудио и аудиомедиумски услуги треба да се повтори од почеток од деловнички причини.

Минатата недела Џафери за агенцијата „Мета.мк“ изјави дека единствена можност да се продолжеше старата постапка за изборот на членовите на органите на НРТ и АВМУ, почната уште во февруари 2019 година од претходниот собраниски состав, била актуелниот претседател на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, еден месец по конституирање на новото Собрание, да го известел дека Комисијата инсистира постапката да продолжи каде што застанала.

Тој смета дека постапката мора да се повтори од почеток, што значи дека Собранието треба да донесе нова одлука за објавување оглас за новите членови на управувачките органи на овие две институции.

Џафери тогаш најави дека тоа прашање веднаш ќе го постави веќе на следната консултација со координаторите на пратеничките групи, која се одржува секој понеделник, на која претставниците на власта и опозицијата се усогласуваат за дневниот ред на работната недела на Собранието. Меѓутоа, координаторите на пратеничките групи не успеале да се договорат и затоа на собраниска седница што се одржа минатиот четврток Џафери не ја стави на дневен ред одлуката за објавување јавен оглас за избор на членовите на органите на МРТ и АВМУ.

Претседателот на Комисијата за прашања на изборите и и менувањата, Костадин Костадинов, потврди дека добил известување од Џафери, но за да почне новата постапка во Комисијата, потребно е нов оглас што треба да го усвои Собранието. Тој веќе им дал налог на собраниските служби целата документација на пријавените кандидати од стариот оглас да им се врати по пошта за да можат да ја користат ако се решат повторно да се пријавуваат на новиот оглас.

Изборот на членовите на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на АВМУ досега не се изврши поради блокадата од речиси две години во собраниската комисија, каде што немаше консензус меѓу власта и опозицијата за изгласување на новите раководни органи со двотретинско мнозинство.

Со оглед на сегашните консталации, ако власта и опозицијата не успеат да се договорот за изборот, не се исклучува можноста да се предложат итни измени на Законот за АВМУ, со кои изборот ќе се врши со просто мнозиство од 61 пратеник со цел да се заобиколи блокадата од опозицијата.

Изборот на новите органи на МРТ и на АВМУ се во првиот столб на Итните реформски приоритети предложени од европскиот експерт Рајнхард Прибе во областа на медиумите од 2015 година.

Тоа прашање особено се истакнува и во годинашниот извештај на Европската комисија, во кој Брисел јасно инсистира на завршување на изборот и на обезбедување финансиска издржливост на јавниот сервис и медиумскиот регулатор.

„Назначувањата на новите членови на Програмскиот совет на јавниот радиодифузен сервис и на Советот на медиумскиот регулатор беа одложени во Собранието, со што се попречуваат очекуваните позитивни ефекти од реформата врз нивната независност“, стои во извештајот.

Второ важно прашање во врска со итните реформски приоритети е обезбедувањето на финансиската независност и уредувачката автономија на јавниот сервис, кои сѐ уште не се воспоставени. И покрај законската обврска, Владата во изминатите три години не обезбеди скалесто зголемување на буџетот на МРТ од 0,6 отсто во 2018 година до 1 отсто заклучно со 2021 година.

Во изминатите три години, буџетот на јавниот сервис остана на 0,6 отсто, што е околу 15 милиони евра годишно, додека за идната година Владата го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација во рамките на својот буџет да ги предвиди средствата определени со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и за тоа да ја информира Европската комисија.

Охрабрен од новиот предложен буџет од Министерството за информатичко општество и администрација, Програмскиот совет на МРТ во септември ги зголеми платите за вработените во просек за 16 отсто. Според раководството на МРТ сега минималната нето-плата во јавниот сервис ќе биде околу 22 илјади денари, а нето-платата на еден новинар – 35 илјади денари. За да се спроведе ваквата одлука, куќата годишно во буџетот ќе треба да обезбеди дополнителни 90 милиони денари.

Раководството на МРТ го објаснува новото покачување со потребата од усогласување на платите со колективниот договор потпишан со Синдикатот на МРТ. Тие сметаат дека ако не постапеле така, постоела опасност вработените да ја тужат куќата за непочитување на договорот и да се предизвикаат дополнителни финансиски компликации за претпријатијето.

Поранешниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, во март годинава, во интервју за „Мета.мк“ имаше едноставно објаснување за непокачувањето на буџетот на јавниот сервис. Манчевски тврдеше дека и покрај препораките од голем број меѓународни и домашни релевантни институции за неопходноста од стратегија за реформа за јавниот радиодифузен сервис, раководството сè уште не го направило тоа.

„Владата одлучи дека во отсуство на волја и посветеност да се реформира јавниот сервис, во отсуство на стратешки документ со план за подобрување на состојбата и справување со големиот повеќегодишен долг, буџетот да го посвети на проекти што се за подобрување на квалитетот на животот на сите граѓани“, велеше Манчевски.

Меѓутоа, Европската комисија во последниот извештај забележува дека јавниот сервис, поради дискреционите права на властите, не ги добива средствата предвидени според законот. Наместо 0,8 отсто од националниот буџет, во 2019 година МРТ добила само 0,6 отсто.

„Законот предвидува опција за властите да ја ограничат распределбата на средствата на регулаторот, јавниот радиодифузер и јавното претпријатие за емитување“, стои во извештајот и се препорачува дополнително усогласување на Законот со директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги.

На ваквите отворени јавни критики од ЕУ владата реагира веднаш и го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација во рамките на својот буџет да ги предвиди средствата определени со ЗВМУ и за тоа да ја информира Европската комисија преку Секретаријатот за европски прашања, најдоцна до 30 октомври 2020 година.

Зголемувањето на буџетот на МРТ за следната година ги мотивираше управните органи на куќата веднаш да ги засилат напорите за внатрешни реформи. Така, кон крајот на октомври беше објавена предлог-верзијата на Петгодишната стратегија за развој на МРТ за периодот до 2025 година, за која расправата ќе трае во наредните 30 дена.

За обезбедување финансиска независност на јавниот сервис Брисел смета дека треба да се најде и решение за старите долгови на куќата кон државните институции. Ваквите чекори би придонеле за модернизација на работните процедури и техничката опременост на јавниот сервис, се додава во извештајот на ЕК.

Подобрувањето на квалитетот на програмата на јавниот сервис е третото клучно барање од реформските приоритети на Прибе, на кое малку е сработено.

Во април годинава, Програмскиот совет одлучи да отвори четири нови телевизиски канали – МТВ 2 – 24 часовен канал на албански јазик, МТВ 3 – канал за спорт и забава, МТВ 4 – канал за другите етнички заедници и документарна програма, МТВ 5 – специјализиран канал за детска програма. Поради отсуство на соодветен кадар, овие канали не произведуваат оригинална програма, туку, главно, реобјавуваат стари содржини.

За да ги сервисира со оригинална програма новите канали, МРТ во иднина ќе треба да вработи нови 407 лица. Таквата проекција е предвидена во новата систематизација на работни места, која во јуни беше одобрена од Министерството за информатичко општество и администрација. Раководството на куќата тогаш најави дека новите вработувања ќе се направат етапно, како што ќе се зголемуваат приходите во буџетот.

Единственото подобрување во програмата на МРТ е забележано околу избалансираното изборно медиумско известување за предвремените парламентарни избори, иако ригидните математички формули од Изборниот законик ги покажаа своите слабости, заклучува во јули годинава Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) во Извештајот од изборното медиумско претставување за предвремените парламентарни избори во 2020 година. 

Последно прашање во рамките на првиот столб на итните реформски приоритети во медиумите се односите меѓу националните телевизии и кабелските оператори, како и развојот на инфраструктурата на операторите.

Нивните односи се заострија откако пред изборите со владина уредба беше вграден нов член 143, со кој кабелските се товарат со кривична одговорност ако реемитуваат странски канали, кои не почитуваат авторски права.

Ваквото решение не беше дочекано добро и во Брисел. Во последниот извештај на ЕК има забелешка дека законите често се менуваат и со тоа се влијае на правната сигурност на субјектите.

„Владата донесе неколку уредби помеѓу март и јуни 2020 година, во обид да се реши спорот меѓу ТВ-каналите и кабелските оператори, но допрва треба да се постигне одржливо решение“, се укажува во извештајот.

Владата и на оваа забелешка на ЕУ реагира брзо. Веднаш најави измени на Законот за АВМУ со кои ќе се избрише спорниот член 143, со кој операторите се ослободуваат од обврската под целосна материјална и кривична одговорност да гарантираат за регулирани авторски права за реемитување на содржините од странските канали.

Автор: Насер Селмани

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.