Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) најостро го осудија говорот на омраза на кој бевме сведоци изминативе неколку дена против повеќе новинари и една невладина организација и ги повикаа надлежните органи и институции, пред сè МВР и ЈО веднаш да реагираат, за да се стави крај на ваквите напади, бидејќи тие директно задираат во слобадата на изразување и слободата на медиумите.
„Во последниве неколку дена, новинарите Борис Георгиевски, Љупчо Поповски и Борјан Јовановски беа предмет на напади, омаловажувања, клевети и говор на омраза на социјалните мрежи поради тоа што имаа свое, поинакво видување на завршните зборови на коментаторот на мечот Грузија – Македонија, Тони Стојановски. Напоменуваме, дека аргументирано изразување на мислење за професионалноста или непрофесионалноста на одредена постапка е слободно изразување и не смее да биде предмет на говор на омраза, впрочем како што не смее да биде предмет на говор на омраза ниту коментаторот Стојановски за неговите завршни зборови.
Претходно предмет на напади и говор на омраза беше и целата редакција на агенцијата Мета, како и вработените во Фондацијата Метаморфозис, а предмет на навреди и напади беше и колегата Боби Христов и тоа по недоличните коментари од страна на претседател на партија и пратеник.
Слободни медиуми и новинари се основа на функционирањето на секое демократско општество, а предуслов за таа слобода е и можноста за работење на медиумските професионалци во атмосфера ослободедна од закани и навреди“, порачуваат новинарските здруженија.
Истовремено, тие потсетуваат оти новинарите работат за јавноста и дозволено е нивните постапки да бидат предмет на критика, но само доколку таа е аргументирана, културна и не предизвикува говор на омраза, повици за загрозување на нивната безбедност и слично.
ЗНМ, ССНМ и СЕММ истовремено ги повикаа медиумите да не пренесуваат/објавуваат пораки со пропагандистичка содржина, кои ја подгреваат и онака зовриената атмосфера.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.