Министерството за внатрешни работи (МВР) не ги споделува со јавноста кривичните пријави што во последниот период ги има покренато против две лица осомничени за ширење говор на омраза или повикувале на насилство преку социјалните мрежи. МВР во јуни годинава официјално го одби барањето на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за слободен пристап до две поднесени кривични пријави за ширење говор на омраза.
Едната пријава е покрената во мај годинава против еден македонски граѓанин со привремена работа во Германија, кој преку социјални мрежи му се заканил на техничкиот премиер, Оливер Спасовски, додека друга пријава е поднесена против новинарот Бранко Тричковски, кој се сомничи дека преку социјални мрежи ширел говор на омраза против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во решението на МВР со кое се одбива барањето на ЗНМ се вели дека „бараната информација содржи информација стекната или составена во истрага, кривична или прекршочна постапка, за спроведување на управна и на граѓанска постапка, а чие давање би имало штетни последици за текот на постапката“.
Полицијата објаснува дека копиите на кривичните пријави не можат да се достават затоа што целата документација и доказите се доставени во Основното јавно обвинителство. По спроведување „тест на штетност“ утврдиле дека ако се дадат копиите на пријавите, ќе настане повреда на работењето на МВР, се вели во решението на полицијата.
Меѓутоа ЗНМ на ваквото решение, со кое не им се даваат копии од овие кривични пријави, изготви жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. Во жалбата се вели дека решението на МВР има недостатоци, неразбирливо е и противречи само на себе и оти не се наведени решителни факти за донесување такво решение.
„Наведените факти се нејасни и меѓу себе неразбирливи, имателот на информацијата не дава доволно јасно образложение на кој начин давањето копија од таквата информација или давање пристап во вид на увид би имало штетни последици во текот на постапката и по кои критериуми и методологија го спроведуваа таканаречениот „тест на штетност“ или на кој начин ќе се загрозат правата на странките во тие постапки“, стои во жалбата на ЗНМ.
Исто така, Здружението се жали дека не може да ја исполни основаната мисија, да ги штити новинарите и да ги унапредува професионалните стандарди на новинарството, ако нема увид дали полицијата постапува законски и дали постапува неселективно без разлика дали странките се политичари или новинари.
Тие тврдат дека МВР погрешно го применува материјалното право не дозволувајќи увид во пријавите со цел транспарентност на работењето на институциите и заштита на јавниот интерес. „Со ваквото постапување се остава сомнеж за незаконско постапување“, се аргументира во жалбата.
Според нив, ако полицијата не дозволува увид во кривичните пријави, ЗНМ нема да може да знае дека во случајот се запазуваат законските процедури.
Инаку, во ЗНМ велат дека со ваквото барање сакаат да покажат дека институциите не ги третираат еднакво сите жртви на говорот на омраза и закани на социјалните мрежи. Нивниот впечаток е дека полицијата и обвинителството се поажурни кога се шири говор на омраза против политичари, додека во случаите кога новинарите се жртви истрагите ги развлекуваат во недоглед.
Таков е примерот на 28-годишен македонски граѓанин со привремен престој во Германија, кој пред десетина дена беше приведен на скопскиот аеродром, бидејќи во мај годинава преку социјални мрежи му се заканувал на техничкиот премиер, Оливер Спасовски. Тој е осомничен за загрозување на сигурноста на Спасовски и за тоа може да биде осуден со затворска казна од една до пет години.
Таква ефикасност за водење постапка за упатување смртни закани кон политичари не се водат и за случаите на новинарите. Од МВР велат дека во првите четири месеци од 2020 година не покренале ниту една кривична пријава против лица поврзани со говор на омраза или поттикнување насилство против новинар, иако, според евиденцијата на ЗНМ, годинава имаме зголемување на бројот на заканите и навредите против новинари на социјалните мрежи.
Од МВР информираат дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во последната година сѐ уште постапува по седум пријави од новинари.
„Во моментот се постапува по две пријави за чл. 149 од КЗ ‘Злоупотреба на лични податоци’, две пријави за чл. 394-г ‘Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем’, две пријави за чл. 144, ст. 4 ‘Загрозување на сигурноста’ и една пријава за чл. 251 од КЗ ‘Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем’“, се вели во информацијата на полицијата.
Тие соопштуваат дека за сите случаи поврзани со новинари постојано го известуваат Основното јавно обвинителство за добивање насоки за постапување и добивање наредби со цел утврдување на сторителите и обезбедување докази.
Само во првите шест месеци од годината ЗНМ има регистрирано седум случаи на закани и навреди врз ноХристијан Мицвинари на социјалните мрежи. Во сите случаи Здружението има реагирано јавно повикувајќи ги полицијата и обвинителството брзо да ги истражат случаите и виновниците да ги изнесат пред лицетот на правдата.
Таков беше примерот со дописничката на МИА од Брисел, Тања Милевска, која минатата недела преку „Твитер“ доби смртни закани.
„Потсетуваме дека безбедноста на новинарите и правото на слободен говор одат рака под рака, заедно со демократските обележја на една држава. Ваквиот јавен дискурс во којшто најбезобразно се напаѓаат новинари, и тоа со најотворени закани по живот, е недозволив и незамислив за едно демократско општество“, стои во реакцијата на ЗНМ.
Политиката на неказнивост на насилството врз новинари е сериозен проблем за слободата на изразувањето во Северна Македонија. Според евиденцијата на ЗНМ, најголем број од нападите воопшто не се расветлени, а виновниците остануваат неказнети.
Ваквата негативна појава, која може да ја загрози слободата на медиумите, најде место и во Извештајот на американскиот Стејт департмент за човековите права во Северна Македонија за 2019 година. Извештајот издвојува два примера на закани против новинари за кои полицијата и обвинителството и по три години никако да ја завршат истрагата и да ги казнат насилниците. Се работи за случајот на поранешниот претседател на ЗНМ, Насер Селмани, кој во 2018 година преку социјални мрежи доби смртни закани од партиски челници на ДУИ од Скопје, како и за случајот на новинарите од Телевизијата 21, кои во село Арачиново беа спречени да снимат прилог од страна на луѓето на градоначалничката Миликије Халими.
Автор: Насер Селмани