За политичка пропаганда во медиумите политичките партии на овие предвремени парламентарни избори, кои ќе се оддржат на 15 јули, ќе имаат на располагање да потрошат околу 3.6 милиони евра, велат од Државната изборна комисија. Тие откриваат дека само трите големи партии од власта и опозицијата, СДСМ, ВМРО и ДУИ, за политичка пропаганда во медиумите за време на изборната кампања ќе можат да потрошат околу 2 и пол милиони евра.
Сите други 12 коалиции и партии, учесници на изборите, заедно ќе можат да потрошат околу 360 илјади евра. За истата намена коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива добиле само 36 илјади евра.
Од вкупните предвидени пари за медиумска кампања на партиите, 3.6 милиони евра, со сигурност ќе се заштедат околу 820 илјади евра, затоа што втората партија во опозиција, Беса на Билал Касами, на избори не учествува самостојно, туку во рамките на коалицијата на СДСМ, под слоганот „Можеме“.
На овие избори партиите од власта и опозицијата ќе имаат дополнителни две минути повеќе време за рекламирање на телевизија и радио. Од досегашните 12 минути за рекламирање на реален час емитувана програма за платено политичко огласување, времето за рекламирање се зголемува на 14 минути. На последната уредба за изборите, владата предвиде двете поголеми партии од власта и две од опозицијата што усвоиле најмногу гласови на последните парламентарни избори, да поделат по три минути време за политичко рекламирање во медиумите. Тоа значи дека СДСМ и ДУИ ќе имаат на располагање вкупно шест минути за рекламирање, додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе има три минути, затоа што Беса, како втора партија од опозиција што освоила најмногу гласови на последните избори, учествува во коалиција со СДСМ и нема право да ги користи тие три минути за рекламирање. Сите преостанати 13 партии учесници на овие избори ќе имаат само две минути време за рекламирање на телевизија и радио.
Предвремените парламентарни избори не се први на кои политичката пропаганда во медиумите партиите ќе ја платат со јавни пари на граѓаните. Тоа се случи и на последните претседателските избори од 2019 година и во кампањата за референдумот во 2018 година. За претседателските избори за пропаганда во медиумите партиите потрошија 3.8 милиони евра, а за медиумска кампања за референдумот речиси еден милион евра.
За ланските претседателски избори Државната изборна комисија информира дека од исплатените 3.7 милиони евра за политичка пропаганда на партиите, над 80 отсто или над 3 милиони се потрошени за рекламирање во петте национални телевизии, четирите кабелски национални и во најголемите регионални и локални телевизии. Помалку од еден милион имаат поделено радијата, печатените медиуми и порталите. Петте национални телевизии добиле вкупно околу 2 милиони евра, од таа сума најмногу добила ТВ „Сител“ – околу 564 илјади евра, „Канал 5“ и „Алсат-М“ добиле по околу 400 илјади евра, „Телма“ околу 250 илјади, а најмалку има „Алфа“ – околу 150 илјади евра.
Новинарската и медиумската зедница е едногласна дека јавни пари во медиумите претставуваат висок ризик за политичко влијание во медиумите и за слободата на медиумите.
Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски, за порталот „Призма“ изјавил дека критериумите за распределба на парите за политичка кампања во медиумите се нејасни.
„Постои опасност одредени партии да фавориризираат едни исти медиуми и на тој начин да влијаат врз нивната уредувачка политика и во иднина, а со тоа да продолжи да живее медиумскиот клиентелизам на штета на граѓаните“, вели Чадиковски.
Директорката на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Билјана Петковска, е многу јасна дека платеното политичко рекламирање во медиумите со буџетски средства од даночните обврзници треба да се укине.
„Тоа е исклучително лош механизам, кој создава клиентелистичка зависност на медиумите од партиите, го поткопува медиумскиот интегритет и укажува на низок демократски капацитет на општеството“, вели Петковска.
Според неа, не треба да се заборави какви катастрофални ефекти во вкупниот медиумски сектор создаде државното рекламирање до пред неколку години. „Последиците од тоа се видливи и денес и воопшто не се надминати“, посетува Петковска.
И директорката на Советот за етика во медиумите (СЕММ), Марина Тунева, има слично размислување за негативниот ефект на јавните пари врз уредувачката политика на медиумите, која се гледа и од начинот на известување на медиумите за овие парламентарни избори.
„Разочарувачки е да се види дека и за време на овој (пред)изборен циклус во државата, одредени медиуми „лојално“ ги следат и на свој терен ги пренесуваат манипулативните техники што ги користат политичарите за засилување на поделбите, предрасудите и недовербата во општеството“, оценува Тунева.
Таа смета дека медиумите заборавија оти без оглед на социо-политичките околности во општеството, нивната примарна одговорност треба да е, пред сè, насочена кон граѓаните.
„Многумина се дистанцираа од својата улога подготвено да известуваат за кампањата, да ги анализираат програмите на партиите и кандидатите, да понудат различни гледишта на голем број чинители, а не само ставови на политичките партии. Секојдневните партиски пресметки многу „комотно“ си го најдоа патот и во медиумското известување. Еден силен индикатор како знаат да се злоупотребуваат средствата на даночните обврзници инвестирани во медиумите во форма на партиско-политичко рекламирање“, истакнува Тунева.
Според неа, медиумите мора да помогнат да се намалат неконтролираните дезинформации и да се пресретнат обидите за манипулација со изборите на каков и да е начин.
И министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, е свесен дека ваквото законско решение негативно влијае врз слободата на медиуните, меѓутоа за тоа ја обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во 2018 година инсистирала политичката пропаганда на партиите во медиумите за време на изборна кампања да се финансира од буџетот на државата, инаку, во спротивно, немале да гласаат за формирање на Државната изборна комисија пред референдумот за името. Манчевски во изјава за медиумите најавил дека по изборите размислуваат да го напуштат овој модел кампањата да се финансира директно од буџетот.
Автор: Насер Селмани