Владата најостро ги осуди нападите врз новинарката Милевска и повика МВР и ЈО итно да ги расчистат бруталните закани

Владата најостро ги осуди нападите со говор на омраза врз новинарката Тања Милевска, дописничката на МИА од Брисел, и врз кој било друг новинар и граѓанин воопшто.

„Владата цврсто стои зад слободата на говор и слободното новинарство и има нула толеранција за заплашување и закани кон новинарите. Безбедно известување и слобода на мисла, говор и делување во медиумите е наша суштинска, сегашна и долгорочна заложба, на која посветено работиме. Родово базираното насилство е друг, но подеднакво важен општествен проблем на кој сите заеднички и солидарно треба да му се спротивставиме и со кој ќе се избориме,“ се вели во соопштението на Влада.

Од таму ги повикаа МВР и Јавното обвинителство веднаш да постапат за расчистување на бруталните закани и родово базираните повици на насилство кон новинарката.

Европската комисија исто така изрази остра осуда по повод вербалните напади и говорот на омраза на социјалните медиуми кон Тања Милевска.

„Секој напад врз новинарите е неприфатлив и треба да биде осуден. Новинарите треба да бидат во можност да ја работат својата работа ослободени од насилство, вознемирување и заплашување,“ реагираа од ЕК.

Претходно и Здружението на новинари (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) најостро реагираа и побараа институциите да го расчистат случајот.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.