Новинарството не е атрактивно за младите поради ниските плати и немањето верба во слободни медиуми

На онлајн дебатата „На кого останува новинарството“, организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), помладите новинари и искусни уредници дебатираа за причините, зошто оваа професија е помалку атрактивна кај помладите генерации и сѐ помалку студенти се запишуваат на студиите по новинарство.

Според новинарката Милена Атанасоска Манасиева, од разговорите со колегите, професорите и невладините организации постои опасност новинарската фела да остане без наследници или квалитетен кадар. Бројот на студенти кои го изучуваат новинарството е намален, бидејќи според истражувањето на Атанасоска Манасиева, младите ја изгубиле вербата дека професијата е почитувана, поради ниските плати но и немањето верба дека има слободни медиуми.

„Студиите по новинарство се пред изумирање. Поразителен голем број на запишани студенти, овие студии ги гледаат како лесен пат до диплома. Според информациите од МОН, на факултетите на универзитети каде што се изучува новинарство годинава се запишале само 26 студенти вкупно на сите. Општиот впечаток е дека медиумите се слуги на партиите, новинарите имаат лош имиџ, мислењето е дека не го застапуваат јавниот интерес и има лоши примери од професионалци,“ констатираше Атанасоска Манасиева.

Младата новинарка Теодора Цветковска го потенцираше проблемот што младите и дипломирани новинари не знаат каде да ги бараат огласите за вработување, а исто така и неможноста за пракса во текот на студирањето. Таа вели дека кога прв пат се вработила, иако добро владеела со компјутерите, не знаела да работи на Вордпрес, платформата која најчесто во медиумите се користи за пишување на новинарски текстови.

Директорот на државната агенција МИА, Драган Антоновски вели дека слободата на новинарите никој не може да им ја даде, туку тие сами треба да се изборат за неа.

„Спротивставете се на цензурата, слободата се освојува. Има недоследности, но каде се новинарите да си ја вратат професијата, каде се самоиницијативноста и борбата. Новинарството е тешка професија, бара 24 часа работа. Треба да се вложиш, да се надградуваш,“ вели Антоновски.

Во однос на огласите за работа, тој даде пример дека државната информативна агенција МИА распишала конкурс за новинари но никој не се јавувал. Оттука даде предлог, огласите за млади новинари да ги објавуваат и ССНМ и ЗНМ. За обуката за млади новинари пак, Антоновски потенцираше дека МИА отвориле школа за практична работа но или никој не доаѓал или и од тие што ќе доаѓале само еден ќе останел. Работата со школата се стопирала заради ковид кризата.

На Антоновски се надоврза и уредникот во МТВ, Стојан Трпчевски кој рече дека новинарите се тие кои треба да влезат во медиумите и да ги ослободат, а не да се очекува дека ќе има слободни медиуми, иако како што вели, се согласува дека има многу „залутани колеги“.

„Не е страшно ако не се согласувате со директорот, сопственикот на медиумот. Мора да се покаже пркос. Општеството удирало и ќе удира по медиумите, секој во својата кариера се соочил со притисоци. Професијата е убава, благородна и тешка, апелирам на истрајност,“ вели Трпчевски кој понуди и пракса во МРТВ.

Во однос на катедрата по новинарство на УКИМ тој смета дека таму со години не се мрднати работите и не е направено ништо, па оттука според него, професорите на катедрата треба да се изборат за промени за да пласираат кадри. Тој додаде дека младите новинари не може веднаш да очекуваат високи плати, туку потребно е искуство, вложување во себе за да се дојде во позиција да се биде платен.

Заклучокот на дискусијата беше во насока дека станува збор за широка тема, и предвид треба да се земат и позициите на младите, но и она што навистина се случува на терен со побарувачката на кадри и нивната подготвеност да учат и да работат.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.