Поповски: Гарантираме нулта толеранција за насилство, напади, уцени и притисоци врз новинарите

Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски денеска се обрати на регионалната работилница на тема „Новинарството за безбедносните предизвици во новото време“ што се одржа во хотел „Мериот“.

Поповски истакна дека во време кога има чести појави на екстремизам, екстремно насилство и тероризам, последиците ги чувствуваат граѓаните и поширокото општество.

„Медиумското известување и новинарските истражувачки стории за феномените на насилниот екстремизам и тероризам резултираат со напади врз новинарите од страна на екстремистите и нивните симпатизери. Тоа се напади врз животот на новинарите и другите медиумски работници и врз интегритетот на професијата и врз вистината“, рече Поповски.

Тој истакна дека постоењето на слободни медиуми е клучен фактор во борбата против насилниот екстремизам.

„Улогата на владите во ваква ситуација е по секоја цена, дури и по цена на губење на рејтингот, политички поени па дури и избори, да ја штитат и унапредуваат слободата на говор и изразување. Професионалното, квалитетно новинарство останува главна цел на владата. Го ослободивме медиумскиот простор за новинарство кое се спротивставува на влијанијата на центрите на моќ. Цензурата е забранета и не смее да постои. Гарантираме нулта толеранција за насилство, напади, уцени, закани и притисоци врз новинарите и медиумските работници“, посочи Поповски.

Тој додаде дека според истражувањето на интернет цензурата, Македонија е рангирана меѓу земјите со најмалку онлајн ограничувања во светот и дека ова е оставено на целосна саморегулација на новинарите и почитувањето на етичките стандарди и борбата против говорот на омраза во медиумите.

Според Поповски, видливиот напредок во слободата на говор и изразување во Македонија е констатиран во извештаите на Европската Комисија, на „Репортери без граници“, „Фридoм хаус“, а за прв пат една влада усвои Стратегија за транспарентност чие значење е истакнато во најновиот извештај на Европската Комисија.

Поповски рече дека за спречување на опасностите од ширењето на лажните вести и сајбер-заканите, Владата изработила и акциски план и формирала акциска група за борба против дезинформациите и нападите врз демократијата.

Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Борче Петревски,  рече дека медиумите имаат голема одговорност во борбата против екстремизмот и дека во ваков случај треба особено внимателно и димензионирано да се известува.

Амер Капетановиќ, шеф на политичкиот оддел на Регионалниот совет за соработка, вели дека сè почесто сме сведоци и консументи на информации создавани и пласирани без да се води грижа за етичноста. Тој смета дека во ерата на дигиталните медиуми не е фер целосната одговорност за непрофесионалното информирање да ја сносат исклучиво новинарите, но дека тие честопати во трката по информации и кликови, продуцираат лажни вести без увид во последиците.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.