Синдикатот на новинари и Советот за етика во медиумите ги осудуваат онлајн нападите врз новинарката Бурнс

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите најостро ги осудуваат нападите, навредите и онлајн малтретирањето врз новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Бурнс, од страна на вработен во Царинската управа на Македонија.

Во соопштението на ССНМ се вели дека новинарката Бурнс на нивната телефонска линија за помош при напад врз новинари на 29 февруари пријавила дека откако напишала статус на социјалната мрежа Фејсбук оти пациентката заразена со корона вирус не треба двојно да се виктимизира, извесен Ласте Ивановски, вработен во Царинската управа упатил низа последователни навреди со крајно недолични зборови.

Од Синдикатот велат дека ваквите напади и онлајн матретирање се неприфатливи, особено во случаи кога доаѓаат од државни службеници кои го претставуваат лицето на институциите кои треба да бидат во служба на граѓаните. ССНМ стои на ставот дека нападите и навредите кон новинарите се напад и врз слободата на говор и на изразување во нашата земја.

Новинарката Бурнс, со поддршка на ССНМ, во текот на вчерашниот ден го пријави нападот и официјално во полиција, а Синдикатот истовремено ги повика институциите, особено Министерството за внатрешни работи, веднаш да реагираат согласно своите надлежности.

Со реакција за овој случај се јавија и од Советот за етика во медиумите, кои нагласуваат дека последниот случај на вознемирување, навреди и онлајн притисоци врз новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Бурнс, од лице вработено во Царинската управа на Македонија, е уште еден показател на тенденциите за попречување на работата на новинарите во известувањето за прашања од јавен интерес.

„Ваквите инциденти и непријателскиот амбиент што го предизвикуваат се директен напад врз слободата на изразување, а во случајов уште позагрижувачки е што новинарката е мета на напад и како вработена во медиум и како жена“, се вели во соопштението на Советот за етика во медиумите.

Оттаму посочуваат дека притисоците врз новинарите, било директни или индиректни, сериозно може да влијаат врз начинот на којшто новинарите ја остваруваат својата дејност, изборот на сториите за коишто известуваат и начинот на којшто ќе обработуваат прашања од јавен интерес.

Од Советот за етика во медиумите апелираат до надлежните институции да ги преземат соодветните мерки за целосно расветлување и расчистување на ваквите инциденти.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.