Регионалните и локалните телевизии од денеска во штрајк – и тие бараат помош од владата

Регионалните и локалните телевизиски станици кои емитуваат програма преку оператори на електронска комуникациска мрежа, а се членки на здружението „Медиум објектив“, од денеска стапуваат во штрајк со едночасовен прекин на програма во периодот од 19 до 20 часот. Штрајкот ќе трае секојдневно, а во позадината на црниот екран ќе биде испишан текст: „ШТРАЈК поради нееднаков третман на Владата на Република Северна Македонија кон радиодифузерите“.

„Штрајкот ќе трае до носење Уредба за помош и поддршка на сите радиодифузери“, се вели во соопштението на здружението „Медиум објектив“.

Овие телевизии се незадоволни, бидејќи со одлуката донесена на владината седница на 30 мај им се доделува финансиска помош само на пет национални и шест регионални терестријални телевизии. Владата со донесената одлука ќе им ги покрие трошоците за 2020 година кон операторот на дигиталниот терестријален мултиплекс за дозволата за емитување, во висина од 515.974 евра.

„По спроведени анализи и разговори со сите засегнати страни за начинот на којшто е најсоодветно да се обезбеди помош, се констатираше дека доколку се намират нивните долгови настанати заради користење на дигитален терестријален мултиплекс, ќе се намалат последиците предизвикани од пандемијата,“ информираа од Министерството за информатичко општество и администрација за донесената одлука за помош на радиодифузерите.

Од Институтот за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ преку соопштение се огласија со критика на донесената одлука за помош дадена единствено на националните и на дел од регионалните телевизии што зрачат терестријално. Тие велат дека се дискриминирани кабелските и сателитските телевизиски канали.

„ИНРЕКОМ препорачува наместо директно влевање на средства во медиумите, да се донесат одредени олеснувања во даночните политики и други поволности за медиумите и медиумските работници, низ дијалог со релеватните засегнати страни, соvio единствена цел да се намали влијанието на државата во уредувачката политика“, се вели во нивното соопштение.

Изминативе денови со реакција се јавија и од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), кои истакнаа дека се против доделување јавни пари во медиумите без претходна најава и без јавна дебата.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.