СЕММ: 66 проценти од жалбите за непрофесионално информирање се однесуваат на шпекулации за ковид-19

Советот за етика во медиумите (СЕММ) продолжува да реагира на зачестените случаи на неетичко и непрофесионално известување, а особено на ширењето шпекулации кај одредени медиуми во врска со пандемијата на корона вирусот. Од таму сметаат дека едностраното и шпекулативното известување во вакви услови може дополнително да ја зголеми вознемиреноста и паниката и да поттикне нерационално однесување од страна на граѓаните.

„Од моментот на прогласување на вонредната состојба до денес, до Комисијата за жалби при СЕММ се пријавени 47 случаи на непрофесионално и неетичко известување. Од нив, најголем дел (31 жалбa или 66 отсто од случаите) се однесуваат на известувањето околу пандемијата на корона вирусот. Прекршување на членот 1 од Кодексот на новинарите, кој се однесува на објавувањето точни и проверени информации е утврдено во 39 отсто од пријавените случаи, додека прекршување на членот 8 од Кодексот на новинарите, односно сензационалистичко информирање е утврдено во 35 отсто од пријавените случаи,“ се вели во соопштението на СЕММ.

Од таму потенцираат дека јавноста реагира и на обидите за политизирање на кризата околу корона вирусот во медиумите, а во дел од пријавените случаи до СЕММ утврдено е дека новинарите не обезбедуваат професионална дистанца од политичките субјекти, односно се прекршува член 14 од Кодексот на новинари (32 отсто).

„Медиумите не смеат да бидат искористувани за поделба на луѓето преку различни политички пресметки, а корона вирусот не смее да биде „оружјето“ што ќе се користи од кои било политичари, без разлика дали станува збор за власт или опозиција, за политичко поентирање,“ додаваат од СЕММ.

Во 16 отсто од случаите станува збор за прекршување на членот 12 од Кодексот на новинарите, според кој плагијаторството е неприфатливо, а цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот. Доколку информацијата е преземена, изворот мора да биде наведен. Во овој контекст, СЕММ ги повикува медиумите јасно и експлицитно да го наведуваат изворот и авторот при преземање на содржини од друг медиум или од социјалните мрежи.

Позитивна практика е што се зголемува бројот на случаи решени низ медијација, а во оваа насока Комисијата за жалби при СЕММ ја поздравува и подготвеноста на медиумите да се коригираат кога ќе се утврди пропуст во содржината.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.