Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) смета дека е потребен пакет на мерки за помош на македонските медиуми, со кои ќе се гарантира дека оваа помош ќе стигне директно до вработените погодени од Ковид-19 кризата во земјава.
Од ССНМ предлагаат три точки, при што како прво го акцентираат целосно ослободување од придонесите за вработените во медиумите кои не отпуштиле ниту еден вработен во текот на кризата, освен со спогодбен прекин на работниот однос, заминување во пензија или со други одредби од ЗРО, со исклучок на технолошки вишок за времетраењето на мерката и давање отказ без отказен рок.
„Мерката да важи и за медиумите кои им ги намалиле платите на новинарите и медиумските работници, но само доколку се обврзат ваквото ослободување да го искористат за да им ги вратат скратените средства на своите вработени. Враќањето на средствата се одвива паралелно со спроведувањето на мерката“, гласи втората точка од предложениот пакет мерки на ССНМ.
Од Синдикатот посочуваат дека оваа мерка не треба да важи за медиумите на кои надлежен суд со правосилна пресуда одредил дека го прекршиле Кривичниот Закон од Главата против здравјето на луѓето, поточно Член 205, ставови 5, 6 и 7. Ова ќе има за цел кревање на свеста за борбата против лажните вести и за важноста на професионалното новинарство, сметаат од ССНМ.
„ССНМ ги поздравува досегашните мерки преземени од владата за помош на медиумите, но податоците дека голем број на новинари и медиумски работници се соочија со намалување на платите, а некои и со отпуштање од работа, покажуваат дека досегашните мерки не биле доволни“, се вели во соопштението на ССНМ.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.