ССНМ: Сопствениците на медиуми незаинтересирани да зборуваат за работничките права

Новинарите и медиумските работници во земјава имаат плата далеку под државниот просек, а дополнително се загрижени од неизвесноста за задржување на работното место и висината на приходите поради ковид-19. Сопствениците на медиумите, пак се незаинтересирани да разговараат за овие проблеми, соопшти Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Синдикатот во јуни спровел анкета меѓу вработените во медиумите за работните услови, платите и влијанието на корона пандемијата врз нивната работа. Клучните наоди од одговорите на вработените се дека новинарите и медиумските работници имаат плата далеку под државниот просек, а дополнително се загрижени од неизвесноста за задржување на работното место и висината на приходите поради ковид-19.
Во двете анкети биле вклучени 150 новинари и медумски работници.

Во друга анкета, ССНМ испратил анкетни прашалници на 50 сопственици на медиуми, но на прашањата одговориле само 5, иако анкетниот прашалник бил испраќа два пати.

„Но тие не сметаа дека е неопходно да одговорат на прашања за работничките права и обврски во нивните медиуми. Ова е прва анкета во која беа прашани сопствениците на медиумите за статусот на вработените и влијанието на корона вирусот врз нивните организации. Фактот што само пет од педесет испитаници одговориле на анкетата, доведува до неможност за донесување на релевантен заклучок за тоа како сопствениците на медиумите се справуваат со влијанието на пандемијата врз нивните вработени и медиумот воопшто. Наспроти тоа се донесува заклучокот дека сопствениците на медиуми не се засегнати, ниту отворени за давање на одговори на тема која ја отсликува состојбата во новинарството и работничките права на вработените во медиуми во земјава во време на пандемијата со ковид-19“, нагласува ССНМ.

Од добиените одговори едниот од испитаниците – сопственик на телевизија и двајца сопственици на електронски медиуми велат дека имаат финансиски загуби за време на пандемијата со ковид-19, која најмногу влијаела на пад на рекламите. Сепак, овие сопственици велат дека не ги намалиле платите на вработените, во кризните месеци, а нема да го сторат тоа ниту до крајот на годината. Во нивните медиуми нема отпуштања поради корона кризата.

Од друга страна, двајца сопственици на електронски медиуми не претрпеле финансиски загуби за време на пандемијата со ковид-19, последователно на тоа не ги намалиле ни платите, ниту пак имале отпуштања на вработени.

Сопствениците на петте медиуми велат дека навремено набавиле заштитна опрема за вработените, што е спротивно на тврдењата на голем дел од вработените 22 отсто кои одговориле дека во медиумите кај што работат не биле набавени заштитни средства .
На прашањето „Што имате направено за да ја зголемите безбедноста на работното место?“, тројца сопственици на електронски медиуми одговориле „Работа од дома“, еден сопственик на електронски медиум одговорил „Работа во смени“, а сопственикот на телевизија одговорил „Работа во повеќе групи“.

Според анкетите кои се направени меѓу 150 новинарите и медиумски работници најголемиот дел од нив зема плата од 15.000 до 20.000 денари. Дури 101 или 67 отсто од испитаниците одговориле дека не се задоволни со платата или хонорарот, а 49 или 33 отсто одговориле дека се задоволни.

Медиумскиот бизнис дополнително е на удар од корона-кризата, а тоа се одрази и на губењето на работно место и намалување на платите. Четворица останале без работа, а седумнаесет проценти од медиумските работници одговориле дека им била намалена платата.

„Ова истражување покажа дека медиумските работници се на првата линија до опасноста од корона пандемијата, но и на директен финансиски удар. Потребата од помош е повеќе од очигледна, ако се земат предвид одговорите на испитанците. Седумдесет и три проценти одговориле дека им е потребна финансиска помош. Меѓу медиумските работници владее страв и паника, па така 48 одговориле дека им е потребна психолошка поддршка. Тука особено е значајно да се напомене дека 62% од анкетираните потврдуваат дека овој начин на живот и работа влијаат врз нивното ментално здравје“, посочува ССНМ.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.