ССНМ: Владата се кити со туѓи перја

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираше на соопштението на Владата во врска со извештајот за слободата на медиумите на „Репортери без граници“, порачувајќи дека Владата си припишува себеси туѓи заслуги.

„Во соопштението како причини за скокот на листата е наведено подобрувањето на работничките права на новинарите и медиумските работници, но тоа во извештајот на „Репортери без граници“ не е така нотирано. ССНМ напоменува и истакнува дека во извештајот на „Репортери без граници“ како позитивни се истакнати иницијативите и активностите на синдикатот, Здружението на новинари и Советот за етика во медиумите во Македонија притоа означувајќи ги како „многу значајни постигнувања“, но од страна на фелата“, порачува ССНМ.

Синдикатот вели дека во извештајот е спомената иницијативата на ССНМ за потпишување на „Повелбата за работните услови на новинарите“ на Европската Федерација на новинари, како и на нацрт фер-договорите за вработување изработени од ССНМ со помош на Меѓународната федерација на новинари од страна на ЗНМ, СЕММ и други медиуми и организации.

Владата треба да направи уште многу ако сака да има барем минумим подобрувања во сферата на работните услови на новинарите, и за таа цел се потребни законски измени, стои во реакцијата од ССНМ.

„Повелбата, како и нацрт фер-договорите за вработување се иницијатива на ССНМ со помош на ИФЈ и ЕФЈ кои претставуваат дел од подолг процес кој сè уште трае. Нивното потпишување е поздравено од меѓународните организации, но тоа не значи дека преку ноќ е подобрена состојбата со работничките права во медиумите. Ако Владата сака да има барем минимум подобрувања во оваа сфера потребни се низа законски измени, како и поголема контрола на тоа дали се почитува Законот за работни односи“, порачува синдикатот, посочувајќи дека работничките права на новинарите и медиумските работници „се под постојана закана, наши колеги се соочуваат со правна, социјална и економска несигурност, несигурност на работното место.

ССНМ посочува дека во голем дел од таканаречените традиционални медиуми не се почитуваат основните работнички права, а во голем дел од нив на сила се директни забрани за синдикални активности што е спротивно на Законот за работни односи.

Истовремено, ССНМ ја поздравува одлуката на владата економските мерки за време на кризата со корона вирусот да важат и за медиумите, но напоменува дека ако оваа состојба продолжи тие нема да бидат доволни за зачувување на работните места на новинарите и медиумските работници бидејќи медиумите ќе се соочат со уште поголеми финансиски проблеми.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.