Студија на РЕСИС: Граѓаните телевизијата и интернетот денес подеднакво ги користат за информирање

Македонските граѓани забрзано ги менуваат своите навики за информирање за домашните настани од медиумите и сè повеќе го користат интернетот, при што 72 отсто од граѓаните до интернет содржини во земјава пристапуваат преку мобилен телефон, а 38 отсто преку компјутер. Ова се дел од резултатите од истражувањето „Утврдување на влијанието на новите медиуми врз формирањето на јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми“ изработено од Институтот РЕСИС за потребите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, коешто беше презентирано денеска од Ѓорѓи Митревски од Институтот РЕСИС.

Истражувачките резултати се добиени со комбинирање на спроведена анкета на граѓани лице в лице во септември 2019 година и телефонска анкета реализирана во декември 2019 година. Притоа, податоците покажале дека 83 отсто од публиката секојдневно или неколку пати неделно гледала телевизија, над 80 отсто користеле Интернет, додека само 25 отсто од нив слушале радио и само 6 отсто од нив читале весници и списанија на секојдневно или неколку пати неделно.

Подеднаков процент од испитаниците (76 отсто) како извори на информирање за домашните настани ги навеле интернетот и телевизијата. Интернетот е доминантен извор за информирање кај граѓаните од 15 до 29-годишна возраст во земјава, додека речиси еднаков процент на граѓани на возраст од 30 до 49 години ги користат телевизијата и интернетот за информирање.

Воедно, истражувањето на РЕСИС покажало дека оние граѓани што се информираат на интернет, најмногу ги користат постовите на социјалните мрежи како извори на информација. Дури 89 отсто од испитаниците одговориле дека извор на информирање им се постовите на социјалните мрежи, 55 отсто им се агрегаторите на вести, 48 отсто се информираат директно од веб-страниците на порталите, а 37 отсто од веб-страниците на домашните телевизии. Постовите на социјалните мрежи најмногу ги користат помладите генерации како извор за информирање на интернет.

Спроведеното истражување покажува дека граѓаните се поделени во однос на довербата што ја имаат во информациите што се објавуваат во вестите на домашните телевизии, но затоа пак мнозинството од испитаниците се согласуваат со констатацијата дека повеќето вести што се објавуваат на порталите се политички обоени. Од друга страна, над 60 отсто од испитаниците сепак сметаат дека телевизијата е многу влијателна во формирањето на јавното мислење за важните општествени прашања.

Над половина од испитаниците во рамки на истражувањето одговориле дека на домашните онлајн портали можат многу побрзо и понавремено да се информираат за дневно-информативните настани во земјава, а 56 отсто од граѓаните се согласуваат дека домашните онлајн портали овозможуваат коментари, односно јавна расправа за важни теми што ги игнорираат или избегнуваат другите домашни медиуми.

„Дигиталните комуникациски технологии и интернетот во последнава деценија драматично ги променија навиките на публиката во користењето на медиумските содржини. Ова особено се однесува на помладата популација, која медиумските содржини најчесто ги користи од многу различни извори“, изјави Ѓорѓи Митревски од Институтот РЕСИС.

Истражувањето е изработено во декември 2019, јануари и февруари 2020 година од институтот РЕСИС. Комбинира резултати од две истражувања: анкета лица в лице спроведена за потребите на ОБСЕ и на ААВМУ во септември 2019 година во рамки на студијата „Мапирање на индивидуалното ниво на медиумска писменост“, а за потребите на оваа студија била спроведена уште една телефонска анкета на репрезентативен примерок во декември 2019 година.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.