Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска го одржа јавниот состанок преку видеоконференциска врска, на кој се презентираа спроведените активности согласно Годишната програма за работа на ААВМУ. Директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски ги презентираше резултатите и активностите на Агенцијата во текот на третиот квартал.
Во однос на одржаните парламентарни избори на 15 јули, тој посочи дека со мониторингот на изборниот молк од страна на ААВМУ биле констатирани три прекршувања на молкот од страна на телевизиите Алсат-М, Телма и првиот програмски сервис на Македонското радио, за кои ААВМУ покренала прекршочни постапки пред суд. Воедно, прекршочни постапки биле покренати од Агенцијата за телевизиите Шења и Алсат-М за начинот на покривање на изборната кампања, бидејќи двата медиума не обезбедиле правично, балансирано и непристрасно покривање на изборната кампања.
ААВМУ со две соопштенија на 25 и 30 јуни реагирале и на рекламните спотови на политичката партија ДУИ во кои учествувале малолетници, што е спротивно на Изборниот законик. И покрај реакцијата на ААВМУ, од оваа партија продолжиле да испраќаат вакви рекламни спотови кај телевизиите, при што дел од телевизиите продолжиле да ги емитуваат ваквите спотови, но со замаглување на лицата на малолетниците или со кратење на тој дел од рекламите.
Во текот на изборната кампања, до ААВМУ пристигнале две претставки од политички партии, на кои ААВМУ одговорила. Агенцијата по завршувањето на изборите ги објавила двата редовни извештаи, едниот од мониторингот на изборното медиумско известување, а вториот за емитуваното платено политичко рекламирање во медиумите.
Во согласност со Годишната програма за работа на ААВМУ, бил извршен редовен програмски надзор врз националните телевизии, без притоа да бидат констатирани прекршувања на нивното работење. Програмски надзор бил извршен и кај регионалните телевизии, а со редовен административен надзор биле опфатени и сите 116 радиодифузери во земјава.
Во изминатиов период од ААВМУ биле реализирани два вонредни надзори по добиени претставки за телевизија Телма и за вториот програмски сервис на Македонското радио. За телевизија Телма била покрената прекршочна постапка во однос на игран филм емитуван во несоодветен временски период во деноноќието.
ААВМУ изрекла и мерки јавна опомена на девет радиодифузери по извршени надзори со кои е утврдено непочитување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. МРТ 2, телевизија Шутел, телевизија Сонце, телевизија Полог и телевизија Кисс&Менада добиле мерка јавна опомена поради емитување програма на странски јазик без да биде обезбеден превод на јазиците на кои телевизиите емитуваат програма.
На телевизиите Компани 21-М, Канал Вис и Шутел, јавна опомена им е изречена заради не емитување 30 отсто програма изворно создадена како македонски аудиовизуелни дела, на телевизиите Компани 21-М и Клан Мацедониа за непочитување на правилата за заштита на малолетната публика, додека на телевизија Шења заради непочитување на обврските при прикажување на пласирани производи на програмата, информираше директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски.
ААВМУ спровела еден контролен и два вонредни административни надзори на издавачите на печатени медиуми, како и 21 редовен и 2 контролни надзори врз операторите во земјава. Агенцијата во изминатиов период доделила една дозвола за телевизиско емитување на регионално ниво на М НЕТ-ХД од Штип.
На денешниот јавен состанок беше презентирана студијата „Утврдување на влијанието на новите медиуми врз формирањето на јавното мислење и врз работењето на традиционалните медиуми“ и Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2019 година.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.