Постигнувањата по падот на режимот во сферата на јакнењето на медиумските слободи се евидентни, но придружени се со низа слабости и предизвици, истакнува организација за човекови права и слободи „Цивил“.
„Слабостите и предизвиците се последица и од трендови со поширок регионален и глобален карактер, но не мал дел од нив се и од субјективна природа. На глобално ниво, пандемијата на коронавирусот предизвика тектонски поместувања во сферата на слободата на изразувањето и информирањето. Мерките за справување со пандемијата низ целиот свет ги ставија во опасност човековите права и слободи, особено во делови во светот каде што тие веќе претставуваа сериозен предизвик,“ велат од „Цивил“.
Од таму додаваат дека последиците од ограничувањето на правата и слободите со цел да се спречи ширењето на корона вирусот допрва ќе се почувствуваат во целиот свет.
„Дополнително, длабоката рецесија која веќе го тресе светот, ќе придонесе кон дополнителна ерозија на почитувањето на човековите права и слободи, а со тоа и ограничување на правото на слобода на изразувањето и информирањето. Паралелно со пандемијата, со уште поголема брзина се рашири и инфодемијата. Во изминатиот период, врз основа на долгорочниот мониторинг, „Цивил“ повеќе пати констатира и ја алармира јавноста дека инфодемијата не ја одмина ни Северна Македонија. Притоа, лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата се оружје во пропагандата на одделни политички партии и центри на политичкото и криминалното подземје, чија цел е поткопување на довербата на граѓан(к)ите во здравствениот систем и во институциите воопшто. Медиумите играат голема улога во дистрибуцијата на овие хибридни закани против демократијата,“ оценуваат од организацијата.
Од таму додаваат дека голем проблем претставува и неказнивоста за нападите против професионалните медиуми и медиумски работници.
„Потпалувачкиот говор на социјалните мрежи многу често произлегува токму од медиумската продукција на одредени политички, бизнис и криминални структури во земјава. Отсуството на соодветна реакција на релевантните институции ги охрабрува овие центри само да го засилат своето деструктивно дејствување. Тоа го загрозува јавниот интерес, а посебно ги става во опасност професионалните медиумски работници. Медиумските работници се соочуваат со голем број други предизвици, од кои еден од највидливите е хроничниот проблем со висината на примањата, што е последица и од економските прилики во земјава и пошироко, но и од отсуство на мерки за стимулирање на професионалното медиумско работење,“ велат од таму.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.