Советот на Европа ги предупредува земјите членки да не ја користат пандемијата со корона–вирусот за замолчување на медиумите, свиркачите или политичките противници. Ваков апел Советот упати на почетокот на април преку документ, со кој им дава насоки на земјите членки како поуспешно да се справат со падемијата на корона–вирусот и во исто време да ги почитуваат основните човекови права и слободи.
Советот смета дека и тогаш кога има злонамерно ширење на дезинформациите, тоа може да биде решено со санкции што ќе се изрекуваат по надминување на кризата и преку ширење владини кампањи за информирање на јавноста.
„Државите треба да работат заедно со онлајн-платформите и медиумите за да спречат манипулации со јавното мислење, како и да им дадат поголемо значење на генерално доверливи извори на вести и информации, особено тие комуницирани од јавните здравствени власти“, се вели во документот.
Советот ги потсетува земјите членки дека слободата на изразувањето, вклучително и слободниот и навремен проток на информации, е клучен фактор за способноста на медиумите да известуваат за прашања поврзани со пандемијата. Исто така, се истакнува фактот дека официјалните комуникации не може да бидат единствениот информативен канал за пандемијата затоа што тоа може да доведе до цензура и забошотување на оправдана загриженост во јавноста.
„Новинарите, медиумите, медицинските професионалци, активисти на граѓанското општество и општата јавност мора да бидат во можност да ги критикуваат властите и да го испитаат нивниот одговор на кризата. Сите претходни ограничувања на одредени теми, затворање медиуми или целосно блокирање на пристапот до платформите за комуникација преку интернет барат највнимателно постапување и се оправдани само во исклучителни околности“, се предупредува во документот.
Советот на Европа, исто така, ги повкува медиумите и професионалните новинари, особено јавните радиодифузери, на одговорност затоа што тие имаат клучна улога за навремено обезбедување, точни и веродостојни информации за јавноста, но и за спречување паника и негување на соработката меѓу граѓаните. Тие треба да пренесат веродостојни пораки во врска со кризата и да се воздржат од објавување или засилување на непроверени приказни, а уште помалку нејасен или сензационалистички материјал.
Во врска со ограничувањето на пристапот на јавноста до официјалните информации, тоа може да се воведе само во исклучителни ситуации и сразмерни со целта за заштита на јавното здравство затоа што Конвенцијата за пристап до официјалните документи ги обврзува властите на своја иницијатива и кога е соодветно, да преземаат неопходни мерки за јавни службени документи да бидат достапни со цел да се охрабри учеството на јавноста во дебатата за прашања од општ интерес.
Слично заедничко предупредување во врска со ограничувањето на слободата на изразувањето за време на пандемијата кон крајот на март упатија и Обединетите нации, Интер-американската комисија за човекови права и Високиот претставник на ОБСЕ за слободата на медиумите. Овие организации, на прво место за справување со пандемијата ја истакнуваат обврската на владите да дадат вистинити информации за природата на заканата од корона–вирусот.
„Владите се должни според законот за човековите права да обезбедат доверливи информации за сите достапни формати“, стои во повикот и се додава дека особено внимание треба да му се посвети на обезбедувањето пристап до информации од страна на тие со ограничен пристап до интернет или луѓето со ограничени способности.
Тие воедно ја споделуваат загриженоста со земјите дека лажните информации за пандемијата може да доведат до здравствени проблеми и паника, меѓутоа потсетуваат дека од суштинско значење е владите и интернет-компаниите да се борат против овие дезинформации преку обезбедување доверливи информации.
„Прибегнувањето кон други мерки, како што се бришење на содржината и цензура, може да резултира со ограничување на пристапот до важни информации за јавното здравство и треба да се преземе само ако ги исполнуваат стандардите на неопходност и пропорционалност. Сите обиди за криминализирање на информациите во врска со пандемијата може да создадат недоверба во информациите од институциите, да го одложат пристапот до доверливи информации и да има застрашувачки ефект врз слободата на изразување“, сметаат Обединетите нации, ОБСЕ и Интер-американската комисија за човекови права.
Ваквите отворени предупредувања од релевантни светски и европски организации, во кои членува и Северна Македонија, ги донесуваме во контекст на разговорите што се водат во Работната група формирана од Министерството за правда за измени и дополнувања на Кривичниот законикна, за воведување нови ограничувања за слободата на говорот.
Академикот Владо Камбовски, кој е член на работната група формирана од Министерството за правда во врска со измени и дополнувања на Кривичниот законик, за „Мета.мк“ вели дека постојат разни идеи, меѓутоа конкретен предлог за воведување на нови кривични дела поврзано со ограничување на слободата на говорот, сѐ уште нема. Било договорено тоа прашање да се отвори после кризата со коронавирусот, кога се очекува да се вклучат и странски експерти и домашната јавност.
Камбовски смета дека ограничувањата би се однесувале на заштитата на здравјето и сигурноста на граѓаните, што е во согласност со Европската конвенција за човекови права.
„Што ако некој лажно пријави подметната бомба во училишти или во авион. Дали тоа спаѓа во слобода на говор? Какви последици може да предизвика тоа“, прашува Камбовски.
Според него, најголема дилема во работната група била дали тие дела да се третираат како прекршоци или кривични дела. Тој е свесен дека ваквите органичува може да се злоупотребуваат од институциите за да се ограничи слободата на говорот, но предлага за таквите дела да бидат условни од евентуалната штета што би ја предизвикувале.
Прв пат за преземање законски мерки за санкционирање на граѓаните што ширеле дезинформации за пандемијата преку онлајн-медиуми или социјални мрежи се дозна кон крајот на март, кога министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, обелодени дека полицијата поднела 15 поднесоци до обвинителството. „Постапено е со поднесување соодветни поднесоци до ОЈО, кое ќе треба да одлучи дали има елементи за кривично дело“, изјави тогаш Чулев.
Основата врз која МВР ги покренува овие пријави се членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, дела против здравјето на луѓето, поточно за пренесување заразна болест и за непочитување на здравствените препораки и владините мерки.
Правните експерти тврдат дека двата члена, дури и став 5 од членот 205 е неспроведлив за вакви ситуации, бидејќи се однесува на пренесување заразна болест преку ширење невистинити тврдења за постоење неизлечлива заразна болест.
Иако е мала веројатноста дека обвинителството ќе ги процесуира ваквите пријави, тие можат да имаат одреден превентивен ефект и да ги обесхрабрат луѓето да шират дезинформации и да поттикнуваат паника. Овие предмети може да резултираат со обвинителен акт само ако преку нив се предизвикале и други кривични дела.
Од друга страна, правниот експерт Драган Алчинов во анализата објавена на веб-страницата на неделникот „Фокус“ објаснува дека меѓународните договори им дозволуваат на земјите да воведат ограничување само „во случај на општа опасност, која го загрозува животот на нацијата’’, а опасноста треба да биде актуелна или иминентна.
Алчинов смета дека вонредните мерки не се неограничени затоа што начелото на владеење на правото продолжува да важи и во вонредна состојба. Тој тврди дека Уставот и меѓународните договори опредувалаат и листа со човекови и граѓански права и слободи, кои не можат да бидат дерогирани во време на вонредна состојба, меѓу кои е и правото на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и вероисповедта.
Според него, при спроведување на привремените мерки што се „помало зло“ треба да се запази принципот на пропорционалноста со цел да се исклучи можноста „лекот да биде поштетен од болеста“. Освен тоа, мерките мора да бидат неопходни и да се применуваат недискриминаторски, да се заштити јавното здравје, но и владеењето на правото и човековите права.
Насер Селмани
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.