ЗНМ изработи Прирачник за етичко известување од избори во земјава

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изработи „Прирачник за етичко известување од избори во Северна Македонија“ во пресрет на одржувањето на претстојните парламентарни избори во земјава. Автори на прирачникот се Марина Тунева, Младен Чадиковски, Насер Бислими и Емилија Јаневска, додека уредувањето и препораките се на Драган Секуловски.

Публикацијата пошироко ги елаборира етичките стандарди и улогата и значењето на медиумите за време на избори. Посебно поглавје е одвоено за етичките принципи за реализација на фер и балансирана телевизиска кампања со политичките опоненти. Прирачникот ги третира и меѓународните правни стандарди за слободата на изразување и изборите, а посебен дел во публикацијата е издвоен за националните правила за медиумско покривање на изборните процеси.

ЗНМ и во прирачникот повторува дека се принципиелно против решението за платено политичко рекламирање во приватните медиуми од државниот буџет.

„Закупот на медиумски простор е проблематичен бидејќи не постојат критериуми за купување на простор. Ова остава можност одредени медиуми блиски до политичките партии да бидат фаворизирани со јавни средства од страна на политичките партии со кои тие располагаат“, се наведува во една од препораките на ЗНМ на крајот од публикацијата.

Од ЗНМ во прирачникот потенцираат дека политичките партии треба да се согласат средствата за кампања да ги инвестираат само на членките на Професионалниот регистар на онлајн медиуми, бидејќи тие се обврзале да ги почитуваат професионалните стандарди предвидени во Етичкиот кодекс на новинарите.

Во препораките на прирачникот се укажува дека општите и конкретни забелешки на ЗНМ не биле земени во предвид од Министерството за правда и Собранието на РСМ и не биле дел од официјалните амандмани на Изборниот законик усвоени на 16 февруари 2020 година.

 

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.