Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја поздравува одлуката на Внатрешната контрола на МВР која утврди незаконско постапување на полициските службеници за попречување на новинарката Билјана Секуловска при вршење на своите професионални обврски.
„Имено, на 07.06.2020 година околу 19 часот, новинарката Билјана Секуловска, уредник во онлајн медиумот www.novatv.mk, при обавување на професионалните задачи сликала полициска патрола која вршела контроли за време на полицискиот час. И покрај тоа што Секуловска се претставила на полицијата и покажала дозвола за непречено движење за време на полициски час, полициските службеници и забраниле да ги снима и на груб начин се заканувале дека ќе ја тужат, бидејќи според нив не било дозволено да се снимаат полициски службеници,“ информираат од ЗНМ.
По овој настан Здружението на новинарите на Македонија испратило претставка до Внатрешната контрола при МВР поради попречување на правото на новинарката да известува од јавен простор за теми од јавен интерес.
„Дополнително, беше побарано итно да се спроведе постапка за утврдување на одговорност на полицискиот службеник, а потоа да биде спроведена и дисциплинска постапка во која ќе се утврди дали тој постапувал во согласност со Законот за полиција и Кодексот на полициска етика. Денеска бевме известени дека Внатрешната контрола утврдила незаконско постапување на полициските службеници и дека тие ќе бидат соодветно казнети. Потсетуваме дека соработката помеѓу полицијата и новинарите е од огромна важност и таа треба дополнително да се развива,“ се додава во соопштението.
Според претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски ваквата принципелна практика може да помогне во градење на професионален однос помеѓу новинарите и полицијата. Тој додаде дека негативните случки треба да послужат како пример од кој ќе се извлече поука во насока на подобро разбирање на законските овластувања на полицијата при постапување на терен против новинарите.
Од ЗНМ ги повикувааат и другите членови Здружението, доколку се соочат со слични проблеми да се обратат во канцеларијата на Здружението на новинарите на Македонија, бидејќи имаат обезбедено бесплатна правна помош за вакви и слични прекршувања на нивните права.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.