Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) поведе прекршочни постапки против телевизиите Алсат-М и Шења, бидејќи спротивно од одредбите во Изборниот законик при известувањето за изборната кампања не обезбедиле избалансирано покривање на изборниот процес во дневно-информативните и во посебните информативни емисии во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници.
Од Основниот кривичен суд-Скопје во судската постапка што е во тек, ААВМУ бара изрекување на глоба од по 4.000 евра за двете телевизии, како и глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба за радиодифузерот за одговорните лица во Алсат-М и Шења.
Во образложението на ваквото барање, од ААВМУ посочуваат дека телевизија Шења во вестите покриени во мониторингот за време на кампањата известувала само за 4 од вкупно 15 учесници на предвремените парламентарни избори. Покрај тоа што не обезбедила квантитативната избалансираност во известувањето, Шења покажала и квалитативна разлика при медиумското покривање на учесниците во кампањата.
ААВМУ образложуваат дека и Алсат-М во медиумското известување за изборната кампања во дневниците покриени со мониторингот информирале само за активностите на 5 од вкупно 15 учесници на изборите, без притоа да објават информации за вонпарламентарните партии. Исто така, во посебните информативни емисии на Алсат-М биле реализирани интерјуа само со партиите и коалициите што биле дел од претходниот парламентарен состав, со исклучок на ДПА.
Покрај за медиумското известување во текот на кампањата, ААВМУ ја тужи Алсат-М и за прекршување на изборниот молк, во постапка која и понатаму е во тек пред скопскиот суд. Телевизија Телма доби ослободителна пресуда од судот во прекршочната постапка што ја поведе ААВМУ за прекршување на изборниот молк, но првата програма на Македонското радио и одговорното лице Марјан Цветковски беа казнети со вкупно 2.000 евра за прекршување на молкот. ААВМУ и двете судски одлуки за Телма и Македонско радио ги обжали пред Апелациониот суд.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.