Избран старо-новиот Надзорен одбор на МРТ со пет години мандат и по 400 евра плата

Програмскиот совет на МРТ на седницата одржана на 6 февруари го избрал новиот Надзорен одбор на МРТ со мандат од пет години. Како што се наведува во одлуката објавена на веб-страницата на МРТ, мандатот на членовите на Надзорниот одбор на МРТ започнува на 5 март. Дел од избраните членови на Надзорниот одбор и досега членуваа во органот на јавниот сервис што треба да врши надзор над материјално-финансиското работење.
Во новиот Надзорен одбор на МРТ се избрани Дарко Стефановски, Љупчо Зорески, Никола Ѓорчев, Марина Димовска, Костадин Тасевски, Беким Адиљи и Беким Шаќири. Податоците од Оpendata.mk на Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека дел од новоизбраните членови добиваат уште еден мандат во овој орган на МРТ со најновата одлука на Програмскиот совет. Според нивната анализа платитие (надоместоците) на членовите се движат околу 400 евра.
Од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) веќе излегоа со реакција дека мандатот на членовите на Програмскиот совет на МРТ е истечен во декември 2019 година, иако собранието со измени во Законот на АВМУ во 2018 година им овозможило да продолжат да ја вршат функцијата до изборот на новите членови на Програмскиот совет на МРТ. Токму изборот на новиот Програмски совет со месеци е заглавен во Комисијата за избор и именувања во Собранието, каде власта и опозицијата не можат да се договорат за новиот состав на овој орган на МРТ.

 

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.