Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР во однос на набљудувањето на националните радиодифузери за време на изборниот процес констатирале дека бројните дебати и ток-шоу емисии главно биле користени од учесниците како платформи за взаемни лични критики.
Исто така, во прелиминарниот извештај се додава дека информативните емисии на сите национални радиодифузери кои ги следеше Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) на ОДИХР, површно известувале за кампањските активности, кои беа во сенка на меѓусебните обвинувања, како и на последиците од објавените снимки на политичките лидери.
„Темелно аналитичко известување или дискусии за политиките главно не беа присутни во известувањето за кампањата, со што се ограничи можноста на гласачите да се информираат за изборот помеѓу конкретните политички алтернативи. Во ударните термини информативните емисии се фокусираа на коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Двата национални приватни радиодифузери, Сител и Телма, им обезбедија еднакво пропорционална, политички релевантна покриеност од 31 и 21 отсто, главно со неутрален тон. Во првите две недели од кампањата, Канал 5 обезбеди еднаква покриеност за двајца главни учесници, меѓутоа во последната недела од кампањата, известувањето за кампањата на коалицијата предводена од СДСМ се зголеми во споредба со известувањето за ВМРО-ДПМНЕ. Спротивно на тоа, ТВ Алфа остро ја критикуваше владата и владејачката СДСМ со отстапување на главно негативно и неутрално известување од 28 и 40 отсто, додека ВМРО-ДПМНЕ доби 19 отсто покриеност, главно со неутрален и позитивен тон. Сличен тренд беше забележан и во Алсат, кој обезбеди околу 32 отсто со претежно негативна покриеност за ДУИ,“ се вели во Изјавата за прелиминарните наоди и заклучоци на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
Од ОБСЕ/ОДИХР констатираат дека платеното-политичко рекламирање е целосно субвенционирано од државата.
„Законската рамка за алокација на средствата за платено време и дистрибуција на максималниот лимит за рекламирањето, беше изменета со уредба на владата донесена на 22 јуни, последниот ден од вонредната состојба. Одредбите ги фаворизираат коалицијата предводена од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои имаа право да користат исклучиво за платено политичко рекламирање по околу 800.000 евра, додека другите дванаесет учесници имаа право да користат само по 30.000 евра. Учесниците не можеа да ги користат партиските средства за платено политичко рекламирање, со што се блокираше можноста да се купуваат дополнителни реклами од дванаесетте изборни листи чиишто заеднички дел од субвенциите беше значително помал од оние што им беа доделени поединечно на трите најголеми партии. Во текот на кампањата, АВМУ двапати формално ги потсети радиодифузерите за забраната за прикажување деца во промотивни материјали на учесниците, по идентификување на рекламите коишто ја повредиле одредбата,“ се констатира во извештајот.
Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР имаат и забелешка на тоа што повеќето радиодифузери не го исполниле барањето да го надополнат известувањето за изборите со толкување на знаковен јазик, кое произлегува од амандманите на Изборниот законик од февруари 2020 година.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.