Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) на ОБСЕ/ОДИХР во Изјавата за прелиминарните наоди и заклучоци за предвремените парламентарни избори одвои посебно мислење и за медиумското известување на јавниот сервис. Во објавениот документ се вели дека информативните емисии на МРТ во текот на кампањата се регулирани со прецизни одредби во Изборниот законик, кои пак биле критикувани од повеќето соговорници на СМПИ на ОДИХР како површни и дека ја нарушуваат уредничката независност.
„Иако двата телевизиски канали, МРТ-1 и МРТ-2, се придржуваа до овие обврски, барањата резултираа во делумно зголемување на известувањето за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива во споредба со СДСМ и ДУИ“, се наведува во Изјавата за прелиминарните наоди и заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР.
Треба да се напомене дека во овој документ на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР нема податоци во однос на известувањето на Македонското радио и неговите програмски сервиси, за кои Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) имаше забелешки уште во текот на предизборниот мониторинг.
Сепак, сите соговорници на СМПИ на ОБСЕ/ОДИХР оцениле дека во последниве години имало значителни подобрувања во слободата на медиумите во земјава, но тие не биле поткрепени со систематски реформи во медиумскиот сектор, како што е обезбедувањето на политичка неутралност на јавната Македонска-радио телевизија (МРТ) и медиумскиот регулатор.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.