Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) реагира на тенденцијата на медиумите во последните денови да шпекулираат со број на новозаразени и починати граѓани како последица на корона вирусот.
„Потсетуваме на првиот член од Кодексот на новинарите што наложува информациите да бидат точни и проверени. Имајќи предвид дека се работи за исклучително чувствителни вести, поврзани со здравјето и со животот на граѓаните, одговорноста во информирањето би требало да биде максимална, а пристапот професионален и ослободен од сензационализам или битка за ексклузивитет,“ велат од таму.
СЕММ истовремено апелира до надлежните да престанат со неофицијални брифинзи што апсолутно не помагаат во креирањето на здрав и одговорен јавен дискурс.
„Ситуацијата во којашто се наоѓаме бара сериозен однос кон процесот на информирање на населението од страна на сите актери задолжени за комуникација, без импровизации и без шпекулации, а со консултација и цитирање на строго официјални извори во однос на бројката на заразени и починати,“ се вели во соопштението.
СЕММ ја повикува јавноста, колегите и претставниците на граѓанскиот сектор и на институциите, да реагираат со поднесување на жалба до нашата Канцеларија секогаш кога ќе наидат на новинарски производ што сметаат дека е надвор од професионалните стандарди.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.