ЗНМ и СЕММ го осудуваат директното кршење на изборниот молк од некои онлајн медиуми

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) најостро ги осудуваат случаите на грубо прекршување на изборниот молк од страна на повеќе онлајн медиуми во текот на вчерашниот ден, што претставува сериозно компромитирање на изборниот процес.

„Се оди дотаму што медиуми коишто и самите потсетуваат како да се избегнат изборните нерегуларности, со своето известување ги нарушуваат правилата на известување од избори, до степен што си дозволуваат да објавуваат и проценки на изборните резултати и да соопштуваат непостоечки, неофицијални, податоци од досегашното гласање“, се вели во заедничкото соопштение на ЗНМ и СЕММ.

Од ЗНМ и СЕММ потсетуваат дека освен што на овој начин сериозно се нарушуваат етичките стандарди и норми за известување при избори, со своето известување, овие портали се однесуваат во спротивност и со Изборниот законик, во кој што јасно е наведено дека „за време на изборниот молк престануваат сите облици на изборно медиумско претставување на учесниците во изборната кампања“ и дека се забранети „какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите“.

„Потсетуваме, исто така, и на фактот дека дел од овие портали се наоѓаат на списокот на Државната изборна комисија за платено политичко рекламирање со парите на сите граѓани, од Буџетот, при што со непочитувањето на фундаменталните принципи на известување тие се ставаат во ист кош со професионалните редакции“, се наведува во нивното соопштение.

Од ЗНМ и СЕММ ги потсетуваат медиумите дека изборниот молк е фаза во која што на гласачите треба да им се овозможи да ги анализираат добиените информации за политичката понуда во текот на кампањата и да одлучат кому ќе му го доделат својот глас. Тие упатуваат повик до членките на Регистарот на професионални онлајн медиуми (www.promedia.mk) доследно и целосно да ги почитуваат професионалните и етичките стандарди во известувањето, додека агрегаторите на вести сериозно да се ангажираат во преиспитување на тоа дали ќе го отстапуваат својот простор за содржини во коишто се заобиколуваат и игнорираат професионалните стандарди и законските одредби.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.