ААВМУ бара прекршочна постапка против „Алсат-М“ и „Шења“, не информирале балансирано за изборната кампања

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми на 29. седница го разгледа Извештајот од изборното медиумско претставување за време на Предвремените парламентарни избори 2020 година.

„Во таа насока Советот заклучи против телевизиите „Алсат-М“ и „Шења“ да се покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд бидејќи спротивно на членот 75 став 1, а во врска со член 75-а став 1 точка б од Изборниот законик, радиодифузерите при известувањето за време на изборната кампања не обезбедиле избалансирано покривање на изборниот процес во дневноинформативните и во посебните информативни емисии во согласност со принципот на пропорционалност според бројот на потврдени листи на кандидати за пратеници. Советот на Агенцијата заклучи против „Телма“ да се покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд поради прекршување на членот 50 став 3 од ЗААВМУ и на членовите 16 и 17 од Правилникот за заштита на малолетните лица,“ информираат од ААВМУ.

Инаку, ААВМУ ги објави издвоено извештаите од мониторингот над изборното медиумско известување за телевизиите Алсат-М и Шења, во кои се наведени сите забелешки за неизбалансираното известување за време на изборната кампања. Против телевизија Алсат-М веќе беше поведена една прекршочна постапка од страна на ААВМУ за прекршување на изборниот молк, а за идентичното прекршување на првиот програмски сервис на Македонското радио и одговорното лице Марјан Цветковски судот веќе им изрече вкупна казна во износ од 2.000 евра.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.